Колумни за душа- Кога немавме интернет…
Почитувани,
Во ова време -невреме, кога сите бистрат политика и се занимаваат со решавање на големите светски прашања, јас се одлучив да пишувам за себе и за моите спомени. Тие се најтоплиот џемпер за душата, најскришниот агол во кој можете да се скриете кога ќе ве стигне секојдневието, најдлабокиот бунар, од кој пиеме вода кога сме тажни…
Не сакајќи да ги решавам црните дупки или глобалното затоплување, ќе се обидам да ги опишам најживописните предели од моето сеќавање, од најрани години до денес. Нешто ќе пренесам како што било, нешто драматуршки ќе исфилувам малку, но никого нема да повредам. Па ни себе.
Ако се препознаете во моте колумни, ако ви стане топло околу срцето или ако ви изнудам блага насмевка – значи сум успеал. Ако не – здравје, стиснете на Х. Има и други колумни и далеку попаметни колумнисти…
Не сум некој експерт, но, ете, со години пишувам стихови за песни и мислам дека имам отворено неколку од одаите на душата. Се разбира, секоја нејзина одаја завршува со нова, така што никогаш нема да откријам каде е крајот. Но, потрагата продолжува…
„КОЊИ“
Коњите во мојот живот. Па, сега… Имало многу коњи, некои биле и со човечки лик и имале повеќе коњски карактеристики од самите коњи. Само што, за разлика од коњите, уживале и да газат луѓе… Но, да бидеме позитивни. Мојата прва средба со ова прекрасно животно беше во раното детство. Имав две или три години кога прв пат видов коњ во мојата улица, позади Универзална сала. Дедо ми Филип, Бог да го прости (иако беше атеист) ме зема во раце и ме однесе до човекот кој продаваше дрва. Во мојата улица никогаш не воведоа централно затоплување (барем додека јас живеев таму), така што веројатно тоа беа дрва за огрев, а ги влечеше на дрвена кола прекрасен бел коњ. Дедо ми го праша човекот како се вика коњот и тој му одговори дека се вика Ацкан. Долго време по таа случка, јас сите коњи ги викав Ацкани.
И неколку години по ред, со дедо ми го чекавме Ацкан да донесе дрва кои ќе ги стоплат моите соседи. А мојата улица беше тесна и слепа. Но, за мене беше најубавиот стадион за фудбал и за тенис, поубав од Маракана и од Вимблдон заедно. Тука играв фудбал со моите другари. Во тоа време имаше малку автомобили во нашата улица, но многу ме нервираше кога ќе отидеше топката токму под автомобилот, на средина и не можевме никако (ни со раце, ни со нозе) да ја извадиме. Имаше и такви соседи што за инает ги паркираа своите возила на нашиот „терен“, а можеа да ги качат на тротоар. Но, тоа беше мојата прва средба со човечката злоба. И често се гледаме…
Нејсе, за коњите ми беше муабетот. После многу години, Ацкан веќе не доаѓаше во нашата улица, не носеше дрва, кој знае како и кога го заврши својот живот тој прекрасен бел убавец на четири нозе? Веројатно луѓето си купија некоја од оние „тројки“ или „шестки“ на струја, кои имаа толку цигли колку ѕидот на една соба, а го топлеа просторот само до нив. Одамна и дедо ми пуши цигара „Лорд“ на некоја небесна ливада, но остана мојата љубов кон коњите.
Неколку години подоцна, со големо внимание ги гледав каубојските филмови со Џон Вејн, Гари Купер и другите херои, кои безглаво јаваа на своите коњи и ги убиваа кутрите Индијанци. Ми беше жал за коњите. Како во песната на Балашевиќ. Се разбира и за луѓето. Во еден просечен каубојски филм, вештите револвераши убиваа помеѓу десет и сто луѓе. Рамбо беше мало дете за нив. Кој спомна медиумска писменост? Ги голтавме како деца тие филмови, а си легнувавме во 19.30 часот, веднаш по цртаниот филм, на единствената ТВ Скопје.
А виртуелно другарував со овие мои четириножни пријатели и на страниците на стриповите, преку авантурите на Текс Вилер, Командант Марк, Блек Стена, Таличниот Том… Секој од нив имаше свој омилен коњ, кој му помагаше во добро и во зло. Моите Ацкани.
Многу години подоцна, на првиот час по драматургија, професорот Горан Стефановски побара од нас да нацртаме коњ. Имавме 45 минути, празен лист и пенкало. Многу интересна вежба, која ќе ја памтам цел живот. Секој од нас точно знаеше како изгледа коњ, дека има грива, уши, уста, заби, долга опашка, четири нозе, копита… Но, никој не успеа да го нацрта за да личи на вистински коњ. Тогаш сфатив дека ќе биде многу тешко со пишувањето. Сите сме ги гледале најдобрите филмови на светот, сме ги читале најдобрите романии точно знаеме како треба да изгледа едно дело, за да го конзумираат и заскаат сите… Ама, ајде биди ербап, па создај го! Голема лекција. Мојот Ацкан личеше на смешен коњ, како излезен од фарса. Но, гордо го покажав.
Еднаш дури успеав и да се качам на коњ. Не знам од каде и како, но во нашиот двор во село Јанче (каде што често го трошев летниот распуст) „паркираа“ кафеав коњ. Не беше како мојот Ацкан, ама заврши работа. Беше врзан, ме качија во седлото и малку поседов. Се почувствував како Вајат Ерп, Циско и Панчо. Три во едно. Лажам, беше високо, ми беше страв.
Којзнае, можеби еден сончев ден ќе соберам храброст и ќе посетам некоја од ергелите со коњи. Можеби во Волково. Можеби во Галичник, кај што галопираа и момците од Некст Тајм. Дотогаш, се надевам дека некој инвентивен архитект нема да ме качи на коњ на некој споменик, како дел од некој проект „Скопје 2094“… Кој спомна политика? Ќе пишувам само за убави работи. До читање!
(ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ)