РЕПОРТАЖА. Јасна Суша, фотографка : Преку патувањата стигнувам до вистината

Фотографката Јасна Суша за себе вели дека е ѕведено дете а ѕвездите во очите ги има поради својата игра, предизвиците што самата си ги поставува. Со фотоапаратот, нејзиниот верен и постојан придружник низ животот, ги „лови“ шарените далечни, мистични и опипливи сказни. А кога на тоа ќе се додадат миризбите и вкусовите, сликата е потполна.
И овој пат Јасна ја најдовме на брод, а ова се нејзините писанија, помеѓу неколкуте бранови должини.

Имам работа што најмногу ја сакам…патувам
Имам работа која е неверојатно креативна, инспиративна, истражувачка. И од документаристички и од уметнички аспект. Особено што моето образование има уметничка заднина, и тоа ми помага работите да ги гледам од различен агол. Работам на брод, во студио за црно- бела фотографија и секоја приказна ја чувствувам длабоко и понекогаш знам да живеам со неа подолго време.
Една од помоќните фото- приказни кои ми се случија во последно време беше животот на аутистична девојка, преку солзи и насмевки. И јас наспроти нејзината болка, ловејќи ја во срж. Жал ми е што не можам да поделам со вас некои од тие портрети.
Морам да го почувствувам нивниот ритам, до каде ќе ми дозволат да одам, некогаш морам да ја спуштам камерата и да подарам прегратка. Некогаш ми дозволуваат да одам преку болката, додека не дојде насмевката…
Така се случи фото- приказна од Саудиска Арабија, мајка со две ќерки, страшна егзотика. Случка која ќе ја паметам засекогаш. Јас сум од оние фотографи кои не ги местат луѓето да позираат, туку преку разговор со нив стигам до сржта.. Сакам да ги заробам моментите помеѓу позирањето. И така разговарајќи со мајката за положбата на жената во општеството во нејзината држава, и се преку окуларот на мојата камера, таа ја спушта шамијата што и ја прекриваше главата, ја вади бројаницата од нејзиниот врат и ми вели „Јасна, ми ја допре душата, те молам земи ја бројаницата од Медина е, и чувај ја со тебе“. Ми се наежи тилот, секое влакненце на моето тело се помести….поинтимен подарок никогаш не сум добила. Првата мисла која ми помина низ главата беше- Боже, колку ли молитви оваа жена ми подари, колку ли добрина или болка лежи во оваа бројаница?!


Малку подоцна сликав еден културен, образуван пар од Индија кој живее во Америка. Така сликајќи почнав да зборувам за мојата духовна поврзаност со Индија, како сакам да одам да посетам ашхрам и како постои еден во Бангалоре, во јужна Индија кој би сакала да го посетам и го спомнав името на гуруто и неговото учење. Жената се стаписа и само рече „знаев дека си тука, ама сега само ми потврди дека си тука“, а мажот извади слика од гуруто чие име го споменав и ми рече, твојот гуру е мој гуру, тоа е нашиот ашрам во Индија… Следниот ден на масата најдов подарок од парот, материјализираниот прав од водачот, што доаѓа баш од тој ашрам.
Третата случка за овој договор долго ќе ја паметам- седам на палуба, јас со кафето, мислите, и сонцето…поминува двојка која ја имам сретнато на други бродови каде што сум работела, ме поздравува, и сите заедно потврдуваме дека мора да сме благодарни за моментот кој го доживуваме…Неколку дена подоцна одам во моето студио и наоѓам библија, подарок од нив двајца, со посвета да стигнам до вистината. Сат Нам!
Имам работа за која во ниту еден момент не жалам што ја одбрав. Кога работам нешто, јас се посветувам целосно, крајно сум лојална кон себеси, без да се залажувам. Строга сум кон себе кога ќе видам дека нешто не е добро, менувам, се расправам со себе си, ама сериозно се расправам.
Малку потешко ми одеше со простувањето на себе си, ама учам како работите кои не се наменети за мене, лесно и величенствено да ги пуштам. Дури мислам дека сега прелесно ги пуштам и тоа со насмевка, радост и благодарност.

Земји, места кои ги паметам
Првото место кое го паметам е Габон, и прво место кое секогаш со радост ќе го спомнувам ќе биде Габон. Тоа е првата земја која ја посетив надвор од Балканот, надвор од Европа.
Со насмевка ги посетив сите седум континенти. Африка ми е најубавиот, иако тоа не е зборот со кој би сакала да ја опишам. Убава е, ама и мистична, и магична, и неоткриена, и шарена до болка. Во Африка постојат бои за кои во ателје ми требаше сериозен експеримент да ги добијам, имав чувство дека не постојат во спектарот на боите. По, Африка можам да ве прошетам до Антарктик. Неопиплива ледена скулптура на мајката природа. Мојот духовен храм, каде што се слуша звукот на Универзумот. Белина преку сите темнини, каде што во исто време сонцето и заоѓа и изгрева. Тоа се случува само во летниот период на јужниот пол. А пак јас, дете родено под среќна ѕвезда со немирен дух, доби шанса да излета до Антарктикот шест пати до сега. Кој знае што носи утре.., всушност, знам што носи, транзит низ Панамскиот канал, ете тоа носи моето утре. По пет години работа на брод, добив шанса да го искусам транзитот низ панамскиот канал. Утре е денот кој со нетрпение го чекам.
Азија е приказна вредна за доживување. Од Индија до Јапонија можете да почувствувате флексибилноста на душата и телото. Ја посетив целата Азија од Европа преку Суецкиот канал, до Сингапур. Во Виетнам би сакала да се вратам, а Тајланд го визуелизирам со коктел во рака и нозе во вода. А, во Бурма би сакала да одам и да ја завршам фото приказната за монасите и начинот на замонашување.

Би сакала да живеам во…
Сакам да живеам во мир. Мир во себе. Ете, повеќе не ми е битно толку она што е надвор, колку што ми е битно она внатре. А можеби и после посетата на сите седум континенти, неминовно е да имам потреба да допрам внатре, по некоја суштина, повеќе од допирливото во материјана смисла. Години наназад се прашував како луѓето, особено женската популација може да прекрие болка со шопинг, тоа и денес не допира до мене. Замислите патите од болка по некого или нешто, правите шопинг и- се чувствувате подобро….ех, и јас би сакала да е толку лесно, ама парче гардероба не ги покрива моите болки.
Нив ги покрива парче испечатено, од душава…

Храна како дел од идентитетот на земјите
Храната може многу да каже за вкусот на човекот, и за местото во кое се наоѓате. Јас лично сакам храна во боја, што повеќе бои, толку полесно мојот систем ја дигестира. Сакам морска храна, сакам салати, сакам слатки радости, во секоја смисла. Сакам свежина и во животот и во храната. О да, сакам свежа храна, со свежи ензими. Никогаш нема да ја заборавам рибата печена во тиква и вино од палми во Габон. Габонската кујна е многу здрава, и се базира на риба и ориз, и знам дека сега визуелизирате ослиќ со ориз, ама не, особено речната габонска риба е превкусна и начинот на кој ја приготвуваат е сосема поразличен од нашиот.
Сему пак е нигериски рецепт од палента со сос од спанаќ, и се јаде исклучиво со прсти, да ја осетите храната во целост. Од Индија ќе ја паметам уличната лимонада со мравки, иако откако ја испив сфатив што се испив, но беше превкусна и освежителна, а мравките биле добри за видот, ми рекоа.
Турската кујна е една од моите омилени. Лахмаџун со ајран и турско кафе. Откажав цигари, ама после таков ќеиф пушач се станува експресно. Па велам, лахмаџун со ајран, па турско кафе со цигара. И мексиканската храна ја обожавам. Пред неколку дена го напуштивме Мексико и еден од најубавите мексикански рецепти ми се ракчиња похувани во кокос. Ах, убавина!

Убаво време, клима, прилагодување
Нема неубаво време, секое време е добредојдено. Секоја бура, исто така. Не може секогаш да грее сонцето во нас. Така и со прилагодувањата. Верувам дека се што се случува си има свое зошто и затоа, си има своја причина и последица. Се е кај што треба да биде и се е така како што треба да биде. Јас живеев во стан од 100 метри квадранти и си го спакував животот во куфер и кабина од четири метри, делејќи ја со уште една личност. Некогаш не можев да се организирам во тие 100 квадрати, малку ми беше тој простор, а сега ништо не ми фали, тој еден куфер е доволен да ми ги спакува соништата. И на Антарктик знае сонцето да запече и во Габон знае тропска бура да удри.

Најубавите луѓе се …
Веројатно во мислите, во сеќавањата, во соништата, тука, сега, дома. Некогаш убавите луѓе траат два часа и биле убави само тие два часа. Некогаш траат два месеци, некои од нив – цел живот, а некои можеби и за следниот живот. Се трудам да ги гледам сите луѓе убави, да немам предрасуди, но доаѓам до заклучок дека им ја чувствувам убавината после првиот муабет.
Луѓето ми стануваат убави кога во нив лежи убава конверзација, кога можам да им ја почувствувам добрината и кога можеме безрезервно да се допреме и да ги соголиме душите без страв од повреди. Уморна сум од луѓе без светлина во душата, луѓе кои прават сплетки, да се издигнат себеси во дадени ситуации, евтини приказни…
Имам чувство дека овој космос во еден момент ме опсипува со тон убави луѓе, па каде и да погледнам гледам убави ликови, убави дружби, убави муабети, а подоцна одеднаш знам да се најдам во свет со луѓе кои не вибрираат на моја фреквенција. И знаат тие периоди да си потраат. Но, не се трудам повеќе да се вклопам таму кај што не ме собира, во ниедна смисла. Ниту го губам повеќе времето прашувајќи се, зошто не се вклопувам. Сватив дека сум доволно силна и понекогаш на себеси сум си најубавото друштво.
Работејќи на брод среќвам луѓе од целиот свет. Различни класи, различни религии, раси, верувања, култури итн. И јас помеѓу нив, која сакам асиметрија и работи одалечени два милиметри од центарот, во секој поглед. Немам време за губење во неквалитетни муабети. Земам книга, чаша ладно бело вино и ете ме, на палуба под ѕвезди читам книга. Ви велам, во мислите мои има преубави луѓе.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашата емаил адреса нема да биде објавена

error: Content is protected !!