Трагедија во семејството на пејачката Адријана: Мислев дека брат ми ќе ја победи болеста, беше полн со живот
Бескрајна тага и солзи непресушни, така ми минуваат деновите, вели фолк пејачката Адријана Ацевска, позната како Адријана Кеш, која пред две недели го изгуби постариот брат Петар (43), кој со семејството живееше во Шведска. Нејзиното семејство стравот од загуба на Петар го живее веќе година и пол, од моментот кога му е дијагностицирана акутна леукемија. И последниот телефонски повик да замине во Шведска за да се видат, знаеше дека е за последен пат.
Како се чувствуваш после загубата на брат ти? Има ли утеха?
-Се уште не сакам да се помирам со фактот дека го нема. Се лекуваше во Шведска и знаеше да побара период да биде сам. Такво чувство имам. Таква е и болеста. Но, во моментот утеха нема. Се радувам на моето внуче кое има шест години и кое многу личи на него. И години да поминат утеха нема. Ова го знаат сите кои изгубиле блиски. Јас пред десет години ја изгубив мајка ми, исто така почина од рак. Тешко ја прифатив и нејзината смрт и се уште ми недостасува. А сега и ова се случи. На тагата и нема крај.
Колку бевте блиски? Ти недостасува ли не само кај брат туку и како потпора во животот, барем така се вели за најстариот од децата?
-Бевме многу блиски. Карактерно исти. Многу повеќе отколку со помалиот брат Антонио. Ми беше буквално рамо за плачење. Како тој на мене така и јас него.
Како се чувствуваше кога прв пат дозна за неговата болест?
-Кога прв пат ми кажа дека не е добар не сакав да верувам дека е нешто страшно. Не сакам да верувам дека треба да се збогувам со него. Така беше до самиот крај. Мислев дека ќе ја победи болеста. Беше борец и полн со живот. Не мислев дека ќе го изгубам.
Има ли зборови за утеха на неговото семејство?
-Со снаа ми и внук ми сме по блиски од било кога. Се тешиме едни со други. Болката е голема. Загубата е тешка.
Дали ќе испееш песна за него? Тоа е најмалку што можеш да направиш за да не се заборави.
-Во мојата песна „Така е пишано“ во рефренот се пее дека ќе се сретнам со мојата мајка некогаш. Кога требаше да ја снимам едвај ја испеав. Не знам дали ќе можам уште еднаш да го направам истото. Премногу боли. Кога почина мајка ми јас ја заменив во нејзината улога. На татко ми му бев рамо за плачење, на браќата им бев поддршка. Мене животот воопшто не ме галел. Имав многу стресови и загуби. Сега со ова што се случи со брат ми, ми се повтори сликата што ја имав со мајка ми пред 10 години. Но, што да правиш, животот мора да се продолжи. (В.М.)