Ај фил фуд: „Радио кафе Канал 77“: Храна со умна декаденција
Со тешко срце признавам дека есента почна. Се гушнавме со летото, си ветивме повторна средба ама пустото, уште ме подлажнува. Напладне сонцето има дрскост како интензивен августовски ден, па коѓа ќе ги затворам очите кај мене владее интерна летна шема. И, за да ми биде полесно, си ветив дека секој обоен, паднат лист ќе го гледам како цвеќе, пред сосема дрвјата да се соголат… Октомври е, а тоа е месец на „Макфест“, на пастрмајлии и на „Канал 77“, и затоа сум во Штип.
Што да кажам за радиото – фан сум му, поради довербата што, знаеме ние со багажот, не се дава туку-така. Инаку, „Канал 77“ е водечки етаблиран електронски медиумски бренд, а пред некој ден на нивната роденденска торта гореа 27 свеќички…
Во Мултимедијалниот центар во Штип, што се наоѓа на Сењак 2, „грми“ поглед од милион долари: како на дланка се распостила градот под Исарот. Е тука е ресторанот „Радио кафе Канал 77“.
Просторот е пријатен : широко е и пространо, капацинетот внатре е за 90 а надвор, каде ние уживаме, за 150 луѓе, и доминира сината боја. Атмосверата која ја диктираат домаќините прави убаво чувство, а муабетот ветува филмска историска реченица од „Казабланка“- Ова ќе биде почеток на едно прекрасно пријателство.“
За мене се знае дека во рестораните не сум мистична: првата работа што ја правам е разгледувањето на менито. И, покрај тоа што слушнав дека тука најбарани се пиците и бургерите, пријатно се изненадив од инвентивноста на менито: салата „амплитуда“, ордевери: „радио бран“ и „супер соник“, пилешки стек „а ла радио кафе“, омлет „радио кафе“…Ха ха, професионална деформација си мислам, ама не наседнувам на околината која нарачува разноразни чудесии, и си останувам верна на пастрмајлија. Како- зошто?Ја сакам традицијата и често се откажувам од сите други јадења на контото на спомнатата- во состојба сум да потпишам безусловна капитулација пред штипската пастрмајлија….
И тоа не е се: кога ќе се спомне пастрмајлија, мене ми паѓа мрак на очи. Навистина. Чувствувам блага несвестица, нозете не ме држат а мозокот во моментот ја процесуира сликата на овој гастро специјалитет. Имам фотографија пред очи- тестото наликува на кајче, од него чадат парчиња ситно месо а заводливите миризби и понатаму прават беља и знам – време е за акција!
За вкусовите и дилемите, нели, не вреди да се полемизира па и кога е во прашање оваа, може да се нарече- македонска пица. Така дебатирањето на тема- која пастрмајлија е највкусна – велешка, радовишка, неготинска или кратовска, ќе го скокнам, затоа што без размислување гласам за штипската. Од секакви па и од сентиментални причини, сметам дека повкусна пастрмајлија нема никаде на светот.
Инаку, сум присуствувала на вербални надмудрувања, зачинети со анегдоти врзани за „дата на раѓање“ на ова готвачка мајсторија. На пример, која е разликата помеѓу велешката и штипската пастрмајлија? Штипската по форма е подолгнавеста, филот е со свинско месо и црвен пиер а велешката освен свинско има и сушено овчо месо, – пастрма, откаде и името.
Според раскажувањата, во сочниот вкус на пастрмајлии се уживало уште за време на турското владеење. Кога турскиот аскер доаѓал по арач, селаните морале да го нагостат и бидејќи им ги празнеле и резервите со храна, наједноставно било да замесат тесто и да наредат малку месо. Пусто турско! Потоа се тркалаше една приказна за родовата рамнопрамност- за да ги одменат жените во кујната, мажите во неделите се сторувале готвачи. И тоа не било какви, туку мајстори, специјалисти, маестра, што ги вртеле тестата во круг па над нив ределе месо.
Додека си ги приспомнував сите овие нешта, стигнува мојата пастрмајлија за Гинис, и зафаќа половина маса. Не се шегувам, огромна е. И не само што е помпезна во изгледот, забележав дека во „Радио кафе Канал 77“, цените се прилагодени на нашиот актуелен финансиски момент.
Оваа џиновска пастрмајлија е 170 денари, а раженчињата и пилешко во бел сос, што го јадеше моето друштво на маса- 130 денари. Хм, примамливо звучи викендашки „излет“- да тргнете од Скопје, и да се стационирате токму во овој ресторан.
Пастрмајлија е уште поубава кога се јаде со раце, и време е да и се препуштам. Внимателно откршувам парченце, тестото е крцкаво, а меко, текстурата, совршена.
Да, најголем мастраф е тестото! Автентично, меко, сочно- верувам дека и овдешниот готвач тајната ја има како сопствен идентитет и ја чува како очите во главата. И месото е вкусно, кревко и тазе – совршен спој на едноставни нешта што во финалето го имаат овој супер вкус. Неколку голтки црвено вино, и меракот е постигнат.
Уживањето ми трае и трае, домаќините предлагаат да пробаме од вафлата, и наскоро се смешкаат парчињата на белгискиот специјалитет во штипска верзија. Има се, филот изгледа моќно ама јас оставам очите да ми се наситат, бидејќи желудникот ми е преполн. Ги гледам задоволните лица околу мене, и ми годи мојата луда романтика.
Сонцето е најубаво пред заоѓањето, златестите зраци галат и знам, утре пак ќе го има. Го гледам Штип, од овој природен видиковец, и повторувам по којзнае кој пат: што е среќа ако не многу мали среќички што овој ден навистина ми го направија посебен.
Валентина Вања Тодоровска