Една анегдота раскажува за ставот на младиот Буда кон староста. Додека бил млад принц и по таткова желба затворен и осамен во една величанствена палата, немал никакво животно искуство и не знаел што се случува надвор .Окружен со млади луѓе тој незнаел што е тоа стар човек и како изгледа .Еден ден младиот Буда, без знаење на татко му, од љубопитност ја напушта палатата да ѕирне што се случува зад нејзините зидини. И во таа прошетка, вели професорот Горги Чадловски, за прв пат сретнува еден постар човек, немоќен, подгрбавен, без заби, со набрчкана кожа како тазе орана земја, како бавно и несигурно оди потпирајќи се на своето стапче. Зачуден, изненаден и исплашен од тоа што за прв пат видел стар човек, Буда веднаш се враќа во палатата и вознемирено постојано повторува: „каква несреќа, каква несреќа… Ги жалам младите кои опиени со својата младост не ја гледаат староста во себе. Па тогаш зошто ни требаат игри, забави и радости кога во нас живее идната грда старост, повторувал Буда…
Георги Чадловски, невропсихијатар
Пензионирање, престанок на работен век за многумина е трауматичнен, тажен и депресивен момент . Како се да губи смисла, луѓето неретко се повлекуваат во себе…Што значи овој период од животот?
– Предрасудите кон староста го пратат човека од најраната младост, или преку личните опсервации во семејството (подгрбавениот дедо, закашланата и несигурна баба, болниот и изнемоштен стар стрико, брзото стареење, па и гасење на родителите…), или преку стереотипните филмови и романи каде скоро секогаш постарите „импресивно” и „возбудливо“ умираат пред камерите, или, пак, лутаат бесцелно во сиромаштија отфрлени од општеството, заборавени од семејството… Или како што вели славната француска писателка и филозофка Симон де Бовоар во своето епохално дело „Старост”: “…за друштвото староста се појавува како некоја срамотна тајна за која е непристојно да се зборува. За младите има илјадници напишани страни, но за старите навистина тие се ретки. Дури и алузиите на староста се многу ретки..“
Психолошките и социолошките ефекти од пензионирањето се големи, видливи и со последици…Може ли чувството на отфрленост од општеството да се компензира во семејството, со грижата и љубовта на ближните?
– Секој човек би бил среќен да го дочека жив и здрав своето пензионирање, бидејќи илјадници и илјадници луѓе не успеале во тоа, зошто на тој пат ги спречила некоја малигна болест, сообраќаен инцидент, катастрофална несреќа и сл. И да не заборавиме дека тие, да имаат можност веднаш би се менувале со нашата „несреќа” која се вика пензија и трета животна доба.
Зошто општеството има, скоро потценувачки однос кон староста?
– Познато е дека старите луѓе веќе не се никаква економска сила и најчесто немаат можност да ги истакнат своите права, или да се пожалат некому. Најчесто никој не ги прашува за ништо, и ги игнорира и оној кој до вчера учел од него и несмасно му се додворувал и поклонувал . И тоа е нејголемото разочарување на старите, кога ќе престане почитувањето на младите, во кои најмногу вложиле и психолошки и педагошки и економски труд… Чувството дека веќе никој не се грижи за тебе и дека веќе никој не те почитува, навистина е најморбидниот фактор кон инволутивните состојби. А помладите најчесто и забораваат дека и нивните години неминовно врват и дека и тие еден ден ( кој навистина бргу ќе дојде) ќе добијат решение за пензионирање . И се така во некој маѓепсан и проклет круг кој е врв на нашата примитивност, алчност и некултура…
Сепак, постојат и пензионери кои радосно ги дочекуваат деновите што ги заслужиле, кога се посветуваат себеси, на семејството, на нештата за кои немале време. Дали тој вроден оптимизам значи подолг живот?
– Во лавиринтите кои ги носи пензионерскиот живот и во третата животна доба може и среќно да се живее. Но, ако се знае. Ако се игнорираат сите препреки, сопки и се живее своето живеење а не со повлекување во себе и со сеќавањата „за младоста”. Добро е колку што е можно активно занимавање или продолжување со својата професија, па макар и волонтерски. Благопријатно делува учењето на некој странски јазик, за кој додека си бил млад и професионално активен никогаш не си имал време. Постојано да е ангажиран мозокот, па и ако дотогаш не сте биле љубител на крстословки и ребуси….Потоа, и староста има својата еротика. За убав бакнеж секогаш има доволно време и доволно снага. Важно е да имате во себе поголема доза хумор и оптимизам. Подалеку од пензионерските разговори за болести и лични трагедии! И ако ви дозволуваат економските услови патувајте, откривајте нови светови и така ќе ја најдете предноста и на оваа доба, во која имате време и повеќе од потребното. Така, депресијата и другите ментални растројства кои ја пратат оваа животна доба, ќе немаат шанса да ве посетат. (Вања Тодоровска) фото- pexels