2.8 C
Skopje
среда, јануари 22, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… – КОЛУМНИ ЗА ДУША : КОПЧЕ, ЦРНО КОПЧЕ

Пред некој ден, чекорејќи по тротоарите на нашето прекрасно Скопје, сретнав едно копче. Тоа е предноста кога не живееш во облаци и не гледаш во брановидните каделки смог, кои симпатично водат љубов со ПМ 10 честичките. Секое утро и цела ноќ. Тоа е бенефитот кога цврсто газиш по тротоарот со лизгави плочки, кои плачат за нов тендер.
Патем, се разминувам со глутница развиени кучиња (а можеби се и волци, побегнати од некоја шума) и се обидувам да не им влезам во крволочниот поглед. Гледам една госпожа ги милува, им споделува една коска, а тие весело потскокнуваат околу неа и демнат некој габаритен минувач. Знам, собираат сила. Околу пладне имаат закажано трка на сто метра. Трчаат по автомобили. Но, не по сите, туку само по оние што возат со ЕУРО 1 и ЕУРО 2 и го загадуваат овој возвишен алпски воздух. Така се обучени. Решив да ги фотографирам. Позираат. Спремни се да влезат во некоја идна влада. Маалска. Кога веќе нема месни заедници, како на времето. Едното не беше задоволно од мојот фотографски ангажман и посака да си направи селфи. Тргна накај мене. Не, не е поголемо од Донки, другар му на Шрек. Ме боли коленото и ми излегува, како последица на една фудбалска повреда, кога мислев дека сум на Олд Трафорд, а бев во една лизгава сала во Тафталиџе. Но, бев побрз од него и навреме ја поминав улицата. Шипак, Џеки, остана без селфи!
Инаку, Џеки е првото куче со кое се имам запознаено во животот. Го чуваше дедо Јоцо (јас си го викав цел живот Дедо Вујчо) во истиот двор каде што живеевме. Паметам дека по цела ноќ лаеше по некои студенти, кои живееа под ќирија во подрумот кај нашите соседи. Сега во тој подрум чуваат зелка, но од таму излегоа многу академски граѓани, пратеници и општински советници. Барем така се надевам… Џеки одамна го однесоа во Волково и кружеше приказна дека таму го згазила некоја 22-ка.
Станав да сварам чај и ми побегна мислата. Како поранешен премиер. Како 22-ка на Рекорд. Како гимназијалка од планинско село, спутавана од родителите. Како Чолиќ после тричасовен концерт. Ама, се врати некако. Мислата. Ѝ ветив амнестија. И се зезна. Се врати како попче со БМВ во мојата глава и сега може да продолжиме со колумнава. Имено, сретнав едно копче на тротоарот. Црно, големко копче. Веројатно било дел од некој капут или панталони. Никако од фармерки, бидејќи не делуваше многу фраерски. Ниту фенси. Обично црно копче. Со необична приказна.
Ќе речете: Големо чудо, копче ко копче! Но, не е така, единствени мои. Некој со едно копче направи кариера. Од Вардара па до Триглава, Додуша, тоа беше бело копче. Иако, некои и кај нас го викаа (и сеуште го викаат „дугме“). Веројатно, понесени од легендарната поговорка „Стисни дугме, џак на леџа“, која сигурно доаѓа од регионот на Цецина Житораџа. Не, тоа нема никаква врска со Дино Раџа. Не се во никакво сродство.
Го погледнав копчето и навлегов веднаш во неговата душа, во неговата судбина. Како Куељо во зрното песок, на времето. Оној истиот, кој е омилен автор на повеќето манекенки и редовно го споменуваат на сите избори за Мис, од Јапонија до САД, и назад.
Пенетрирав вешто во судбината на ова копче. Сигурно е родено во некоја кинеска провинција, од калапот на некој со име, кое звучи како тенџере кога се тркала по скали на социјалистичка петкатница во Карпош 1. Како стигнало до некоја скопска продавница за копчиња, сам Господ не знае. Уште помалку е познато (а немам толку фантазија, ниту видовитост за да шпекулирам!) како завршило во некоја фабрика за текстилна галантерија, на стотина километри од СК. Да, во оние фабрики што шијат 24/7 и кои имаат оригинал налепници од сите брендови. Потоа, истото ова црно и неугледно копче, завршило во испуканите раце на некоја шивачка, која работи по цел ден и никако не ја исполнува нормата, за 8 илјади денари. Последен пат видела К-15 на телевизија, кога царуваа Миле, Тошо и Цацко. Понатаму, копчето било уредно сошиено на некое црно капутче, дистрибуирано до некој бутик, да речеме во Сити Мол или во некој друг Мол (порано ги викавме трговски центри). И било продадено. Некога госпожа го добила, да речеме за годишнина од брак и за тоа парче задоволство, нејзиниот Човек издвоил едно 150 евра, во денарска противвредност. Во пакет со ова мало црно копче. И, време е да ја завршиме приказната. Една вечер, по неколку испиени чаши црно вино, госпожата се враќала од афтер ворк парти со колата на некој колега. Тој паркирал на овој тротоар и во налетот на акумулиран блуд, неверство и старст, го скинал ова копче. И тоа кутрото испаднало од колата, кога госпожата, сепак се одлучила како Цвета, да ја спаси својата чест и да побегне од натрапливиот (а суптилно згоден) колега од работа. Толку. Колкав пат, драги мои, за едно копче. А ќе речете: „Што мајка бара на овој тротоар и зошто го грди нашето прекрасно Скопје?!“
А каква врска има сето ова со загадувањето и со амнестијата на дивите кученца во нашата Сандалија? Размислете, ако немате друга работа…
Сожаливо ја гледам мојата мала сива Мечка, родена 1998 година. Е, Мецано моја, наскоро ќе ти лупнат една црвена налепница и ќе те пензионирам сé до пролет. Нема веќе да ги труеш нашите сограџани. Истите тие, кои дојдоа од Долно и Горно Свирипичино, го окупираа Дебар маало, а сега не дозволуваат веќе да се гради во него. Бараат паркови и зеленила. Не можат да издржат до викенд или до празник, за да си ја видат родната гора. Ами како?! Ами така.
Инаку, 20 години се прашувам какви би биле песните на „Бело копче“, кога Брега не би бил тоа што е и би компонирал и споделувал со сите нас нови и нови песни, на српско-хрватски јазик?! Колку прекрасни мелодии и стихови не сме слушнале… А сме можеле. Штета.
Доста ви е за денес. Дишете на шкрги!

ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави