Мојот стил. Алек Наумовски: Сакам костуми и „лептир-машни“ ама и спортско лежерна облека

Одамна е надмината константата дека облеката не го прави човекот, но никој не може да порекне дека токму тоа што го имаме на себе е дел од она што го имаме – во себе.
Во ова размислување се оди и подалеку – со гардеробата откривате и повеќе одошто сакате, затоа што вашиот орман е лична волшебна кутија, и како што вели Алек Наумовски, Топ модел и коспопственик на „Моделс Ин“, сите кошули, џемпери, бои.., сето тоа зборува за вашите размислувања, чувствата, вашата облека е вашата втора кожа, зошто „фирмата“ сте вие…

Кога некој се занимава со манекенство а притоа е бренд, се мисли дека орманот му е преполн со се и сешто. Како е кај тебе? Ја делиш ли гардеробата на зимска- летна, или и на бои, дезени, износеност?
– Сета моја облека е класифицирана и распоредена во неколку ормани и секако дека ја делам на зимска и летна . Од она што го носам секојдневно, би го дефинирал мојот стил како „спорт кежуал“ и тој е сведен на три ударни бои: црна , бела и сива . Да, имам омилени брендирани парчиња кои сеуште ги чувам и повремено облекувам.

Во тој контекст: кои работи, парчиња, не излегуваат од мода?
– Најчесто класичните парчиња никогаш не излегуваат од мода, па така сеуште си ги чувам во фундус (така си го нарекувам плакарот). Имам маичка на Жан Пол Готје од 1996 година, панталони Версаче и две кошули од Бос кои сеуште си ги комбинирам .

Ги спомна омилените бои, но кои се саканите материјали и комбинации?
– Секако омилена боја ми е црната и сите нејзини нијанси а најдобро се чуствувам во природни материјали и во последно време внимавам кога купувам да бидат еко преработени материјали. Сакам модни аксесоари па така имам ракавици на Пал Зилери кои сеуште не сум ги носел.

Кога ќе се каже свечена облека тоа, во твојот случај значи?
– Под терминот свечена- подразбирам смокинг или костум, задолжително со лептир машна (пеперушка) и елегантни чевли. Како додаток тука се копчињата за кошула .

Дали се облекуваш исто кога си во Скопје и кога си надвор од границите, на патување? Што тогаш те инспирира?
– Едноставно, патувањата инспирираат затоа пред секое патување обично си купувам некое ново парче бидејќи знаете како викаат „кога облекуваш ново ја отвораш вратата на новите искуства“.

Што мислиш, дали денешните мажи повеќе водат сметка за гардероба или е тоа приказна на добро старо време?
– Морам да признаам дека денеска мажите имаат многу повеќе избор и опции за облекување. Достапно е се на интернет и може лесно да ги пратите трендовите. Сепак, стојам на ставот дека оној кој се грижи за себе и својот изглед ќе се вклопи во секое време и ќе изгледа ултра модерно.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени