Ристо и Јадранка Тушевски, брачна двојка во приватен, а двоец од хармоника и глас – во професионален ангажман, добро им се познати на оние што ја следат фолк-музиката. Велат, голема привилегија е кога сопружниците се со иста цел и на иста задача – има и уметничка и практична димензија.
Со Јадранка сте долги години во брак, и супер функционирате вие музичко- брачни двојки. Сопругата ти е постојано тука, да чуе, да вежба нова песна..
– Јадранка ми е како десна рака во музиката. Секогаш кога ќе создадам некоја нова нумера, веднаш ја викам да слушне, се консултирам, прашувам дали и се допаѓа, или пак и велам да отпе некој дел, да видам како и „лежи на гласот“. Секојдневно имаме проба со неа по 1 час, и ги минуваме сите балкански стилови на музика, почнувајки од македонска, бугарска, српска, евергрин музика па и шансони. Секојдневно со мојата Јадранка се вклучувам во живо на фејсбук , има голем интерес кај слушателите и многу позитивни коментари.
Неодамна, на Филиграни, доби две награди- за најслушана песна помеѓу двата фестивала („Твојата хармоника“) и за најдобар аранжман за композицијата „Опасна дрога“. За музичар пособен предизвик, како јаготка на шлаг се токму наградите за надобро аранжманско решение.
-Да, наградата за аранжман за мене како автор на песна е најпрестижна, претставува врв на едно музичко дело, бидејки аранжманот е темелот на една песна, оро или инструментал. Во него се сите хармонски складни звуци кои доаѓаат најмногу до увото на слушателот. Секогаш песните ги аранжирам после полноќ, бидејќи ноќта е мирна и тивка, а мене мирот и тишината ми дават многу музички идеи, фантазија за творештво и ми ги будат чувствата за хармонизација. На моето последно гостување на фестивалот Филиграни добив награда за најдобар аранжман за песната „Дрога опојна“. И се радувам и таа ми дава потик за уште поинтезивно аранжирање на музички дела.
Те викаат виртуоз по хармоника и знам дека таа врвна форма се стекнува со многу вежбање. Како е кај тебе?
– За да те викаат виртуоз на било кој инструмент, треба да се биде жртва на тој инструмент, а тоа значи откажување од се друго во животот и комплетна посветеност.
За да бидеш комплетно посветен на инструментот потребна е преголема љубов кон него, а тоа подразбира вежбање од 10 до 12 часови дневно. За тоа е потребна физичка и пред се психичка подготвеност, бидејќи темпото е турбо и не секој може да го издржи. Кај мене се случува во некој периоди од годината да вежбам и по 14 часови дневно, тогаш сите тонови ми се во глава и ги слушам апсолутно, тоа значи и да ми удрат на клавир 15 тонови дисонантно, да звучат нелогички, ќе ги кажам од тон до тон, или нова песна, која ја немам чуено, знам каде и се движи мелодиската линија и хармонизацијата. Како велат, потребно е – 1% талент и 99 % работа, секаде е така и во спортот и во медицината и во математиката па и во музиката.
Имате постојани настапи во Струмица и околината, често одите и за Бугарија…, што планирате во блиска иднина?
– Планираме албум со македонски нумери, стари македонски песни кои ќе бидат обработени во фолк-џез верзија, при што ќе бидат запазени и македонските фолклорни афинитети. Свириме често свадби насекаде низ Македонија и Бугарија, јас продолжувам со мојот акустичен бенд Амигоси, со кои ја негуваме и свириме македонската, мексиканската, шпанската, грчката, српската и бугарската музика.