Игор Џамбазов слави 55 роденден: Го живеам најубавиот период од животецов
Шоуменот, пејач, актер писател и што уште не, Игор Џамбазов минатата недела направи уште две интервенции, по кои, како што вели се чувствува супер. Пред него е долго работно лето, ја почнува новата книга, која се вика „10.421“ и ја пишува заедно со сестра му, а за некој ден со Гуру Харе ќе им излезе новата песна „И така секој ден“. Денес, пак, е подготвен да го прослави 55 роденден.
Како ќе го прославиш роденденот? Правиш ли се уште роденденски журки?
-Последната вистинска роденденска журка ја направив на својот 50-ти роденден, во моето Слепче, кога ми дојдоа најблиските и најсаканите луѓе и сите заедно во дворот, покрај печено прасечко донесено специјално од главниот град, бела слепчанска ракија од магарешки сливи и гитарата, се обидовме некако да го прославивме тоа што не е баш за славење кога веќе дебело си навлегол во третата третина од животот… Родендените се за деца. Они си играат во игротеката, а родителите локаат во кафичот од карши…
Се плашиш ли од староста? Те плаши ли бројката 55?
-После се што ми се случи во животот, староста која полека, но сигурно надоаѓа како плима, ми делува како невина детска игра. Мене лично ми одговара староста како таква. Си има свои маани, но и убави нешта. Најискрено, чувствувам дека сега го живеам најубавиот период во животецов. Релаксиран од се и имун на глупостите што ме опкружуваат. На крајот на краиштата, големиот Ал Капоне убаво си кажал: Две работи мора да ти се случат во животот- Да умреш и да платиш данок. Ова второво редовно го правам. За првото…има уште време.
Имаш една песна „Да си жив и здрав“. Досега имаше четири интервенции а во такви моменти човек сваќа дека, и покрај се, најважно е здравјето. Колку ти, после се, водиш здрав живот?
-Јас сум еден од ретките убијци што реши повеќе никогаш да не се враќа на местото на злосторството. Особено откако ми се случи онаа здравствена хаварија од пред три години. Се почувствував малку подобро и ја направив својата последна “машка менструација“. Тоа значи дека скоро цела година ги правев сите оние работи што ни на сон не смеев да ги правам. Сфатив дека е доста, и официјално, од Нова година се обидувам да живеам и да мислам повеќе на своето здравје од порано. Пред десетина дена, во клиниката на Жан Митрев ми направија уште две операции, и тоа на двете нозе. Повторно беше густо, ама преживеавме. За тоа се “виновни“ апсолутно сите вработени таму, на чело со “шефот“, ликот од мојата книга “Умрен човек“, доктор Џани. Човек таму, иако со нарушено здравје, навистина се чувствува посебно, опкружен со насмеани лица кои се подготвени да ти помогнат во секој момент. Се уште не гледам начин како би можел да му се оддолжам на доктор Митрев, на мојот Џани. Најважно е дека сега се чувствувам одлично и подготвен сум за концертите со Гуру Харе бенд, кои ги имаме цело лето. А што се однесува до вториот дел од прашањето, јас имам своја теза…“Не е важно што си можел да направиш во животот…важно е што си направил“.
Модерно е да се пеглаат брчки. Размислуваш на тоа или ти природно ќе старееш?
-Горд сум на своите брчки. Во нив има триста приказни- животни, љубовни, брутално смешни, среќно/тажни…Во нив е сиот мој живот. Тие се мојот “трејдмарк“. И подочниците, се разбира. Брчките се пеглаат кај доктори/моктори кои со години беѕуспешно се обидуваат пластиката да ја продаваат како природа. Џабе ти се срце ботоксите на усните кои си ги направила само за “селфиња“, и џабе ти се најголемите силикони наместо гради, кога под нив, што би рекол мојот “гуру“ за текстови, легендарниот Џони Штулиќ: “Во тебе царува едно големо НИШТО.
Сите велат дека со годините се повеќе личиш на татко ти. Колку имаш време да се дружиш со Џамбаз сениор?
– Како да не се сложувам со тоа кога истото го гледам секое утро во моето огледало. Плукнат Џамбаз. Уште со брадиштево, па начинот на кој си го чешаме. Очилата. Нема бегање од генот. Инаку, со Џамбаз сениор се гледаме редовно. тој ми доаѓа на гости со дваесет кеси од пазарот преполни со здрав шеќер, хималјска сол, свежо овошје и зеленчук, мед, матичен млеч, мојот омилен маџун и уште триста глупости- од чепкалки за заби до тоалетна хартија…И ужива во сето тоа.
Пишуваш нова книга. Што ќе биде овој пат тема? Кога да ја очекуваме промоцијата?
-Да. И пресреќен сум што книгата ја пишувам заедно со мојата сестра Тања. Сега за сега е само експеримент, кој верувам дека ќе успее и дека ќе биде хит. Книгата ќе се вика “10.421“. Точно толку километри има од нашево Скопје до нејзиниот Сан Франциско. Всушност, тоа е наша преписка преку мејлови кои си ги разменуваме, а зборуваат за сличностите и разликите помеѓу нашите градови. Сестра ми е моментално во фаза на еден голем животен пресврт, но се надевам дека ќе најде време за својот брат како и секогаш. Едвај чекам.
Што правиш на музички план?
– Многу нешта. Пред некој месец со Гуру Харе ја снимивме неговата “Староста доаѓа“. Направивме и спот. Големо фала за Огнен и Кико кои направија спот каков што долго сакавме. Сега, баш овие денови ќе ни излезе и нашата нова песна “И така секој ден.“. Уште еден експеримент кој успеа. Работиме на освежување на репертоарот, додаваме нови песни, правиме нови преработки. Во меѓувреме излезе и новата соработка со Нокаут, наречена “Што бараш ти во моја песна“, која веќе “дрма“ по топ листите. Работам и неколку нови песни и текстови за следниот албум на Тамара, која веќе сними и спот за нашата “Зрели капини“ кој официјално треба да излезе денс, токму на мојот роденден.
Постојно си на настапи низ државава иако тоа не го рекламираш. А и животот те натера да ја шеташ Македонија. Кажи ми има ли град/село во Македонија кај што не си бил?
-Се разбира дека има и такви места. Не може човек се да стигне и покрај најголема желба. Но фактот дека сум посетил повеќе од 80 проценти од населените места во Македонија, ме прави еден од “најшетаните“ на овие простори. Македонија не се сака со флоскули, пароли, и шарени лаги. Македонија се сака со сакање. Вистинско.
За крај морам да ти го поставам моето нај омразено прашање. Што ти се случува во приватниот живот? Размислуваш ли за брак? Планираш ли семејство?
-Фала на прашањето, многу сум добар вака. Јас сум понесен од хитот на Мартин Вучиќ – “Рано ми е да се врзам. (В.Миленковска)