Отворено со Аделина Тахири за љубовта, бракот и мајчинството: Јоже е совршен сопруг и татко
Љубовта ги крши сите правила и затоа не се водете по правила, туку по срце, вели пејачката Аделина Тахири на почетокот на разговорот, кој го водевме во комплексот Верина Орман, каде живее со сопругот Серјожа Марков, адвокат, бизнисмен и почесен конзул на Молдавија, и синот Јон. Таа и Серјожа, попознат како Јоже, се доказ за тоа. Кога сфатија дека не можат еден без друг цврсто се фатија за рака и во име на љубовта ги надминаа сите препреки и дојдоа до крајот на борбата наречена семејство и топол дом. Тема на интервјуто е се она што е Аделина, но прво мора да се почне од мајчинството, бидејќи пред зборот „мајка“ стои цврста и исправена жена, жена- лавица.
Се снајде ли во улогата на мајка?
-Јон се уште нема 40 дена. Не постои во речникот таков збор, ниту во албанскиот ниту во македонскиот, ниту во никој друг јазик на светот не постои збор со кои може да се опише чувството кога ќе станеш мајка. Тоа мора да се доживее за да се осознае. Тие што се мајки многу добро ме разбираат што сакам да кажам а на тие што не се посакувам да им даде Господ да дознаат. Јас не знаев и не верував ама ете Господ ми даде можност да го доживеам тоа чувство што мислам дека е најмило на цел свет.
Како реагираше кога прв пат го виде синот?
-Јас инсистирав да се породам нормално, по природен пат. Беше многу тешко ама се борев. Бев послушна мајка. Прв пат кога станав и кога го видов плачев на глас. Јон плачеше, плачев и јас. Излезе нешто од мене, се откина дел од мене. Чувство кое не се опишува. А љубовта меѓу мајка и дете е љубов на прв поглед. А можеби е и чувство поголемо и од љубовта. Кога прв пат го погледнав Јон видов дека е многу црн и измачен од породувањето. Ама каков и да беше за мене беше најубав на цел свет. Секој ден кога го гледам е се поубав и поубав. Мајките ме разбираат, знаат кога ова го кажувам дека не претерувам. Не се опишува.
Од каде идејата да се вика Јон?
-Идејата за ова име е заедничка, така сакавме и јас и Јоже. Јон пред се е библиско име. Мене тоа не ми пречи иако сум муслиманка. Освен тоа Јонското море го има и во Албанија и во Грција а Јоже е Егеец од Костур. Јонското Море ги поврзува двете држави. Сакавме кратко име, име кое одговара на презимето Марков. Е само тоа е причината, без никаква предрасуда. Јон личи на мајка му.. Хаххаха.. Искрено јас кога сум била мала сум била многу црна иста како него. Сакале да ме крстат Бјондина, што на албански значи „плавуша“, но не се осмелиле бидејќи сум била многу црна и така ми дале име Аделина. Мислам дека синовите се на мајките а ќерките на татковците. Премногу е мал за да се каже. Но, и да личи на Јоже јас би била најсреќна на свет. Јоже е прекрасен човек, татко и сопруг нека биде Јон како него. Да усреќи некоја жена, да биде среќна како мене.
Вашата љубов крена многу прашина. Како се случи?
-Љубовта меѓу нас се роди без јас да знам дека сум вљубена. Јоже ми беше многу добар пријател. Тој ме молеше година и пол да одиме на кафе. Не дека јас се занесував, меѓутоа таква беше состојбата. Јас имав обврски и некако немав време а и причина за да се запознам со него. Но, наш заеднички другар инсистираше да се запознаеме. Јас му реков- само што излегов од врска и немам потреба да се запознавам со никој. Но, тој ми рече дека не станува збор за запознавање за врска, туку да се запознаете за пријателство. Ми рече: „ Јоже е адвокат а ти си заштитно лице на фирми и ти треба совет“. После година и пол инсистирање се договоривме да се видиме. Го гледам фин човек. Не очекував дека ќе биде таков. Очекував адвокат со актовка и очила. Ми рече дека со нашето запознавање нема никакви задни намери. „ Да, ти си убава, мажите тешко би одолеале ама знам дека јас и ти сме сосема различни. Затоа сакам само пријателство и да ти се најдам ако затреба“, ете тоа ми го рече на првата средба. И така продолжи нашето пријателство. Така се дружевме уште година и пол. Јас не бев свесна дека сум вљубена во него. Тоа ќе ви го потврдат и моите дома. Јас цело време дома сум зборувала за него дека е многу паметен и дека ме советува за се. Секој втор ден се гледавме и ми беше убаво бидејќи беше различен од сите други мажи. Не ми се додворуваше, многу беше искрен и ми беше навистина многу пријатно во негово друштво. Беше информиран за се околу мене. Со него можев да разговарам за гардероба, за кариера, за било што. Ме врза за себе без јас да забележам. Помина долг период на дружење кога тој ме седна и ми кажа дека е вљубен во мене. Јас бев шокирана бидејќи несвесно истото и кај мене се случуваше. Пред да ми ја признае љубовта бевме во Виена. Ме покани да му бидам гостинка а јас заминав со другарка. Јас знаев дека Јоже е адвокат, но не знаев ништо повеќе. Не го знаев неговиот успех. Не смести со другарка ми во хотел а тој беше на друго место. Јас до тогаш со него сум се гледала на еден до два часа дневно, но тогаш беше поинаку. Ние веќе имавме знаци на симпатија, но не ми се додворуваше. Иако од женски аспект ми беше чудно што не ми се додворува, бидејќи и јас имав чувства кон него . После Виена кога се вративме во Скопје излеговме на кафе и дури тогаш призна дека и тој е вљубен во мене. Јас тогаш станав свесна на се и му реков: Јоже, јас треба да избирам меѓу тебе и татко ми и брат ми. Тие нема да прифатат. Тој, пак, ми рече- Аделина, животот е многу краток и треба да го правиш тоа што ти го чувствуваш. Секако, одлучив да бидам со него. Зошто треба да имам предрасуди? Зошто треба да живеам за туѓи животи? Секако дека треба да живеам за себе. Моите многу добро го прифатија и тој и татко ми сега се многу блиски. Јас навистина сум многу среќна жена.
Твоите сфатија дека си и дала предност на љубовта?
-Не се противеа. Ќе бидам искрена мислам дека на почетокот не очекуваа. Мислеа дека ќе бидам со некој кој е моја генерација и кој е Албанец. Тоа е нормално. Во таков круг живееме, таква е средината. Што е многу бедно за сите нас. Љубовта нема вера, нема граници, не признава години ниту ништо. Е тоа е мојата љубов со Јоже. Па како не е љубов, кога Господ веднаш не дарува со дете. Само пет дена откако се земавме јас дознав дека сум бремена. Така сакал Господ. Не сакал нас двајца, верувал во нашата љубов и не усреќи со дете.
Вие не сте единствен пример на Македонци и Албанци кои се сакаат, но за разлика од вас, кои се изборивте за љубовта, некои заради предрасудите не можат да бидат заедно.
-Да. Мене тоа ме плашеше и ме водеше. Бев подготвена и да се спротивставам на моите. Ако треба и да не контактирам со нив. Да баталам и кариера. Бев подготвена на се само за да бидам со Јоже. А тоа се прави само за голема љубов, тоа не се прави од интерес или било што.
Кога го спомена интересот, можеби луѓето така мислеа бидејќи на социјалните мрежи јавно ги покажуваше подароците.
-Можеби тоа е моја грешка, но кога сум среќна јас тоа сакам да го споделам. Јас сум подарувала и сум добивала подароци цел живот. Но, нема поубаво кога тоа ќе го добиеш од саканиот. Купував и коли и гардероба и парфеми, но друго е кога ќе го добиеш од саканиот. Затоа го споделував. Не е дека тоа го немав. Јас се чувствувам нај горда жена на светот. Па јас секогаш сум велела дека нема да се мажам. Само заради тоа што сум мислела дека нема да најдам човек каков што јас замислувам. А и Јоже беше единствениот кој ме заслужи. Човек сум кој се почитува себе си и ги почитувам и луѓето. Не заслужува секој да биде татко на твоето дете, не заслужува секој да му дадеш дете, љубов и верност. Само Јоже беше тој што го заслужи сето тоа. Направивме се за да бидеме заедно. За мене животот има смисла, има зошто да се будам, имам сопруг кој го чекам за ручек, имам за кого да живеам. Па се слушаме по неколку пати додека е на работа. Прашува како е малиот и постојано бара да му праќам слики. Се шетаме со Јон иако сега мајка ми ми помага, бебето уште нема 40 дена. Дома имаме убава и топла атмосфера. Различно е се. Јас сум мислела дека во улогата на сопруга ќе ми биде поинаку. Ми рекле дека ќе се разочарам, дека ќе ми се смени животот, што искрено мене ме плашеше. Си викам нема да имам време за себе. А сега јас за се имам време и многу ми е убаво. А муабетите многу ме навредија. Па јас сум успешна, работам од моите 14 години. Сама заработувам, израсната сум со доби родители од кои сум добивала се што ќе сум посакала. Такво нешто мене не ми требало. Љубовта е магија и пак ќе кажам дек заради неа бев подготвена на се. Само за да бидам со Јоже. Да бидам со човек кој јас го сакам. Секогаш сум била своја, свој карактер и сум рекла дека ќе го најдам вистинскиот. Јас сум пример за тие што не веруваат во љубов и за тие што се плашат да се борат за неа. Сакам на сите жени и мажи да има дадам совет: „Вистинската љубов треба да се брани и чува. Вистинската жена или маж прават се за да бидат со човекот или жената што ја сакаат. Љубовта ги крши сите правила. Затоа не се водете по правила, туку по срце“. Да имаше правила и принцот немаше да ја земе Меган, која е постара од него, разведена, жена од мешан брак, се бакнувала по филмови. Значи Хари и Меган ги скршија сите кралски правила. Па ако еден принц ги крши правилата и тоа не е страшно, што е страшно јас ако сум земала Македонец , кој е постар од мене, кој бил женет и има дете. Никој не може да сруши туѓа среќа ако среќата бил вистинска. На мене и на Јоже ако ни е убаво, никој не може да ни ја сруши среќата. Ако нам не ни е убаво, ако не сме среќни и се лажеме, кој и да дојде ќе биде причина. И гостин дома да дојде ќе биде причина. Јас сум традиционална, но се си има граница. Не треба да се жртвуваме за други и да живееме туѓи животи. Не треба да се храниме со туѓи несреќи. Треба да правиме се за да бидеме среќни. Ете пак ќе кажам. Јас и Јоже сме различна вера и нација, но ја имаме нашата голема љубов и почит.
Како ги минувате празниците?
-За Велигден пред да изгрее сонце станав вапцав јајца, направив за куќа, за Господ, за нас, па и за бебето иако се уште не беше родено. Сето тоа го направив од љубов, не затоа што Јоже сакал или ми рекол да го правам. Кога дојде Бајрам порачавме баклава, чекавме гости, бевме на ручек.
Како ќе го насочувате Јон понатаму?
– Ние не сме тие кои треба да го насочиме. Ќе порасне и сам ќе си насочи, сам ќе одлучи што сака да биде и каде сака да биде. Јас немам предрасуди. Што и да биде Јон во иднина јас ќе го сакам најмногу на свет. Па верата треба да се почитува. Со Јоже сме биле заедно во црква. Тоа не значи дека сум сменила вера и дека не сум веќе муслиманка? Бевме во Дубаи во џамија. Тоа е култура и така треба. Јас како дете сум пеела во црква, во хор. Верата за секој човек е индивидуална работа, не е реклама. Јас се што правам, правам за Господ и за себе, не за да го истакнам. Не може верата кај некој да ми пречи. Па има само еден Господ. Верата е да ја почитуваш и да си ја држиш за себе. Тоа е интимно чувство.
Велат бракот е компромис. Вие сте една година заедно, можеби е рано, но, сепак, каква е разликата кога со некој си во врска, па кога си во брак, кога постојано си заедно.
-Јоже е многу добар маж и татко. Всушност Јоже е многу добар човек и другар. Тој пред се ми беше другар. После ми стана дечко. Искрено, јас сум имала неколку партнери. Имам и татко, но Јоже е совршен. Не можам да го споредам со други мажи. Кога би сонувала маж тоа би бил Јоже. Јас посакувам секоја жена да ја има мојата среќа барем 30 проценти. Тој е многу искрен па и понекогаш кога ќе покаже знаци на љубомора, и таа му е убава. Харизматичен е, знае да се шегува. Не гуши и има разбирање. Ме исполнува. Не ми забранува да пеам, не му пречи како сум облечена. Јас не му се мешам во работата. Тој е таков и ако не бил таков немало да го засакам. Нема зошто да барам да се смени заради мене. Нема зошто да се менува бидејќи го засакав баш таков. Тоа е глупост да бараш од некој да се смени. Љубовта е да се прифатите такви какви што се. Ние се прифативме и супер ни е. Дај Боже секогаш вака да ни биде. Јас би била среќна да е вака. И мислам дека ќе биде.
Што ќе се случува со твојата кариера? Кога мислиш да се вратиш на сцена?
-Ќе се вратам на пеењето. Само да се вратам во форма. Мора малку Јон да порасне, тоа ми е приоритет. Малку да вежбам и да ми се врати желбата. Сега со Јон гледам дека ова ми недостасувало. Па јас пеам од 14 години, значи 12 години сум на сцена. Затоа сега сакам да се посветам на Јоже и на Јон и потоа ќе направам песна и спот. Нека поминат барем шест месеци и би требало да се вратам на музиката. Прво љубов за Јоже и Јон, малку одмор, бидејќи имав тешка бременост. Освен тоа многу се здебелив. Тоа му дојде како шок на организмот. За време на бременоста се здебелив 24 килограми а по породување ослабев 17, за две недели. Треба да симнам уште неколку. Знам дека ќе се вратам во форма, и генетски сум таква, моите се слаби а и тврдоглава сум. Ама сепак, килограмите се шок за организмот. Не е лесно да се биде мајка. Тешко е да се израсне дете. Сега ја сфаќам мајка ми три пати повеќе. Сега знам што е мајчинство, ја сфаќам кога се нервирала со мене, како и сите мајки што се нервираат и се грижат за децата.
Ќе продолжиш да пееш албански или ќе снимиш некоја песна на македонски?
-Искрено на тоа не сум размислувала. Не ми е проблем тоа. Единствената причина што не сум снимила до сега е што македонскиот пазар е многу мал. За жал нема инспирација, нема конкуренција, нема предизвик.
Серјожа Марков: Посреќен не сум бил никогаш.
Додека се правеше разговорот пристигна Јоже. Не го прекина женскиот муабет, на кој му нема крај, но го искористивме моментот за да чуеме нешто за љубовта и од машки страна.
-Посреќен не сум бил никогаш. Имам прекрасна жена, имам син со неа, имам мир, имам љубов и многу ми е убаво. Што друго треба. Имам почит што е многу битно. Имаме взаемна почит. Со неа ми беше убаво да пијам кафе. Ми беше нестварно дека некогаш можеме да бидеме заедно. Јас поубава жена од неа немам видено и ми беше мило и доволно што седам и пијам кафе со неа. Јас не и се додворував се додека не почувствував дека не е рамнодушна. Пресреќни сме, вели тој.
Весна Миленковска