Сашко Александар Тодоровски за западот на исток – Баку: Град на оган и ветер
Сашко Александар Тодоровски веќе дваесетина години живее во Баку, престолнината на Азербејџан и е еден од ретките Македонци кои решиле да живеат во, до пред некоја година, не толку познатата држава. Но, како што вели тој, Азербејџан забрзано чекори во модернизирање и речиси со брзината на светлината таму се менуваат работите на подобро. Да, тоа е земја на контрасти, Азербејџан е Запад на Истокот, земја на нафтата и земја каде муслиманите и христијаните живеат беспрекорно.
Седум климатски зони
Азербејџан е земја лоцирана на Кавказот и без оглед на тоа што и не е толку територјално распространета, интересен е фактот дека во неа можат да се сретнат поголемиот дел од климатските зони познати во светот. Тука ги нема само поларната и тропската клима, скоро сите други се претставени во одредени делови на земјата. На пример, окулу Баку поголемиот дел од полуостровот Апшерон е полупустински и пустински. И додека во југоисточните краеви на земјата (регион на Астара, недалеку од границата со Иран) месните жители одгледуваат портокал, киви, кинкан, лајм феихоа и други агруми и егзотични овошја, на северозападниот дел од земјата растат јаболка, праски, лешници… Каспиското море дава свој шмек на климата во крајбрежниот дел и благодарение на ветровите кои постојано го менуваат правецот на движење, животот во Баку е многу олеснат во жешките летни денови. На крајбрежјето се повеќе никнуваат квалитетни хотели и одморалишта кои се преполни во летните денови кога температурата е константно над 30 степени. Затоа пак, за време на зимските денови, ветерот создава впечаток на поларно ниски температури иако термометарот покажува многу помалку. На северозапад се големите Кавказки планини каде од пред 5-6 години можеме да си дозволиме квалитетно скијање во два зимски ски центри во текот на 3-4 месеци долгата ски сезона. Опремени со најнова технологија и со хотели од 4 и 5 ѕвезди, овие комплекси мамат туристи и од околните земји. Во последните години, Баку и Азербејџан станаа атрактивна туристичка дестинација за голем број на туристи од Русија и бившите Советски републики, како и за огромен број на туристи од арапските земји. Тоа се должи на смена на визниот режим за земјите од заливот и блискиот исток коишто можат да добијат виза по слетувањето во аеродромот во Баку или на интерненет. Азербејџан во блиското минато беше доста затворена земја и визата беше препрека за многу потенцијални туристи.
Град на џезот
Баку е град на џезот. Пред дваесетина години кога ја сменив географијата и го заменив Скопје со Баку, едно од првите нешта што ме интересираше беше каде излегуваат младите и каква музика слушаат. Сеуште бев во години кога тие работи играа важна улога во мојот живот. Кафулиња немаше. Дискотеки и клубови се броеја на прсти, ама затоа многу брзо се запознав со два џез клуба каде што скоро секоја вечер имаше жива свирка. Џез свирка. Добар џез. Со контрабас, дувачи, триа, квартети, џем сешн свирки, импровизации…… Нивната национална музика е богато наследство кое они умеат да го негуваат. Особен стил на пеење, Мугам, е карактерен за нивниот народен мелос и толку е почитуван од страна на државниот врв, што постои т.н. Меѓународен Мугам Центар во самото срце на Баку. Руската естрада има посебно место како остаток од советското минато, но да бидам искрен, и мене ми фатија око и уво одредени музичари од Русија. Порано бев скептик по тој правец ама морам да признаам дека се квалитетни по сите параметри. Недостатокот на “наше” го компензирав на кратко со „Balkan Lounge“, место каде што ечеше музика од нашите кришта и не беше никаков „lounge“ туку место за испуштање вентил. Околу една година јас со уште еден пријател од Белград отворивме бар каде сите наши балкански гастербајтери, главно спортисти, доаѓаа и заглавуваа под звуците на познати пеачи и групи до раните утрински часови. Траеше кратко, се уморив од моето хоби.
Земја на контрасти
Азербејџан е земја на контрасти. Централните делови на градот се начичкани со нови и модерни згради за разлика од некои пооддалечени делови кои се доста запуштени. На улица сеуште можете да сретнете „лада жигули“ или „волга“, како брефта на семафорот покрај најновите модели на „бентли“ или „ферари“. Петродоларите го направија своето. Од крајот на минатиот век почна нафтениот бум и се тргна на подобро за оваа земја која и во советскиот сојуз беше центар на петрохемиската индустрија. Бедноста е на маргините, се заработува нормално и сите оние што сакаат и знаат да работат имаат можност да заработат за живеачка. Родени трговци се, секогаш со цел да направат некоја зделка на брзина, да се заработи некој манат од секоја можна ситуација. Тоа им е остаток од минатото, традиција. Тука поминувал патот на вилата, и Баку бил секогаш полн со трговци од разни дестинации, па купи-продај (al-ver) е останато како традиција и национална црта.
Луѓето генерално се гостопримливи, секогаш спремни да помогнат, упатат, објаснат на секој кој има потреба. Кафказци, имаат сличен менталитет како и медитеранските народи па и доста сличен на нашиот менталитет. Во прицип се многу толерантни и имаат голема почит кон сите оние кои не се азербејџанци. Поголемиот дел од народот збори руски јазик, некои од помладите генерации полека го исфрлаат од употреба, но сеуште е многу застапен во секојдневниот па и во културниот живот. Дури и повеќето кино претстави се дублирани на руски јазик. Гледано од мој аспект, тешко можам да најдам замерки за односот на овие луѓе овде кон мене. Јас во далечната 1998 година се оженив со Парвана Бабаева, девојка од Азербејџан, и семејниот живот ни започна токму во Баку. Азербејџан е земја каде што 97% од населението се муслимани и муслиманските традиции се зачувани во повеќето семејства. Меѓутоа, за сите овие 20 и кусур години, можам на прсти да ги избројам ситуациите кога религајата била предмет на дискусија или параметар за класификација на луѓето. Јас сите овие години без било какви препреки ги посетувам православните храмови во Баку за сите позначајни празници од нашиот календар. Моите два сина Дани и Алек, се крстени од мојот кум (родум од Црна Гора) во најстарата црква „Св. Архангел Михаил“ во Баку која датира од средината на 19 век. Значи апсолутна религиозна и национална толерантност, без капка претерување.
Нафта и дипломатија
Младите се повеќе имаат желба за образование во странство, западни земји но и Турска и Емиратите се популарна дестинација за избор на факултети. Иако и домашните високообразовни установи се доста популарни во последниве години. Сопругата работи во системот за образование и таа ми ја формира сликата по ова прашање. Се попоуларни се новоотворената Дипломатска Академија а и стандардно популарната Нафтена Академија која датира од 1920 година и е прва образовна установа од тој тип во цела Европа и Азија. По завршувањето на високото образование, многу млади наоѓаат места во многуте фирми коишто работат во сферата на енергетиката и нафтената индустрија. Најголема е државната нафтена корпорација SOCAR, тука се и гигантите „British Petroleum“, SAIPEM, TOTAL и многу други. Сите тие им даваат можност на младите дипломци да стажираат а покасно и да се вработат во такви меѓународни корпорации и да ја градат кариерата овде или во некоја друга земја. Многу од нив го посетуваат саемот за нафта и гас кој трационално се одржува секоја година во Баку веке 25 години, и таму се запознаваат и доаѓаат до можност да вкрстат некој збор со можните идни работодатели.
На чај и слатко
Иако Баку е доста скап како град, постојат места каде што може ефтино да се пројде а и квалитетно да се помине вечерта. Споменувајќи го контрастот, има супер скапи и луксузни ресторани за џет сетот, а и локали каде цените се пристојни а и храната е одлична. Тоа што кај нас е “идеме на скара”, овде не се разликува многу. Имаат богата кујна и мераклии се за јадење. Највкусно и најпопуларно е јагнешко и телешко месо на скара, и така го маринираат и подготвуваат што е навистина специјалитет. Покрај скарата, имаат доста сличности во кујната како и кај нас, иако да бидам искрен, нивната е побогата. Имаат многу различни видови на јадења но некои се доста мрсни и јас лично избегнувам да ги конзумирам. Сепак кога сме кај храната, би ги издвоил рибите од фамилијата есетра, кои се ендеми во Каспијското море и си ги ценат како ние нашата пастрмка. Повкусна риба не сум јадел никаде. И уште дава икра за кавијар кој е најскап и најквалитетен на светот. Ноќниот живот го смени својот облик и во последно време младите се навикнаа на модерен стил во барови, ноќни клубови, техно и хаус журки. Сеуште е популарно одење во караоке клубови каде што во вечерните часови се слушаат звуци од анонимни ѕвезди пеејќи на руски или англиски јазик. Класични кафулиња почнаа да се појавуваат во последно време, со отворањето на светските брендови „Starbucks“, „Gloria Jean’s“ и „Illy“ кафе. И помладите генерации традиционално одат на чај, не на кафе, и се муабетисуваат додека густираат чај во традиционални чаши во форма на круша засладени со слатко од дуња, орев или било кое од сите 300 вида кои они ги варат. Мајстори се за слатко, го прават од се што расте и дава плод. Азербејџан е земја на чајот. Го произведуваат во јужните делови на земјата и толку е вкусен и ароматен што голем дел од продукцијата оди за извоз. Животот во Баку е доста динамичен. Големината на градот во кој живеат окулу 4 милиона луѓе го прави своето. Луѓето се движат многу брзо и понекогаш таа суета оптоварува и нервира. Се огледа тоа во немање трпение на семафори каде регуларно се слушаат сирени од возила, немање трпение во ред за плаќање на каса итн. Проблемот со некултура во сообраќајот е одвоена тема за пишување и нема да ја развивам во оваа прилика. Тоа делумно е последица на статусот на некои новопечени сопственици на бесни автомобили а делумно и на менталитетот на некои дојденци во голем град од провинција.
Фото: Фарид Новрузи