По повеќе од една деценија фолк дамата Виолета Томовска ќе настапи пред своите битолчани. Концертот ќе се одржи вечерва и е во рамките на манифестацијата „Илинденски денови„. Ќе настапи заедно со групата „Фонтана“, со кои ја има дует песната „Битола бабам Битола“, како што е и насловен концертот.
-Пресреќна сум. Многу години не сум настапила во Битола. Можеби малку дождот што се најавува ќе го поремети уживањето на прекрасната Хераклеа, но рекоа дека до попладне нема да местат бина, па ако многу врне тогаш концертот ќе се пресели во Домот на културата. Не е ова јубилеен концерт, јас годинава славам 58 години песна. Но, сепак, им благодарам на организаторите што се сетија на мене. Се надевам дека за две години ќе успеам да направам поголем концерт. Но, да сме здрави и живи до тогаш. Важно е што ме држи грлото што ветувам дека ќе биде прекрасно. Ќе пеам многу песни, од староградски до новосоздадени, вели Виолета.
Зад себе има огромен багаж, кариера достојна за почит, но и покрај тоа со години не се најде никој да организира концерт со кој би прославила еден од јубилеите.
-Имам снимено нови песни, но се сум ги промовирала. Чекам да се организира нешто поголемо, па тогаш. Ако се организира. Но, не се жалам. Не сум само јас, таква е состојбата и кај сите мои колеги. Помладиве се снаоѓаат некако, успеваат да направат концерти одвреме-навреме и драго ми е што е така. Јас одам на нивните концерти. Се радувам што ја имаат таа младешка сила да се борат. Но, сепак, треба да се направи нешто и за нас пејачите што сме на зајдисонце. Јас не можам сама со мојата пензија да организирам концерт, вели фолк дамата. (В.М.)