АЈ ФИЛ ФУД. Сладолед, среќа во еден „лиз“
Не знам за вас, но мене сладоледот навистина ме прави среќна – се активира некојси центар во главата, мозокот ми се развеселува и имам чувство на задоволство, слично на она што го создава музиката.
И, во име на таа љубов, ги поздравувам научниците што ја обзнанија големата вистина дека ова слатко чудо е сојузник во борба со слабеење. Јее!
Каде во Скопје се прави најубав сладолед? Ги има на секој чекор: во слаткарници, ладилници – од крајно комерцијализирани, брендирани, на стапче и во корнет, ама и оние купени од Старата чаршија, носталгичните сладоледи што во сладок млаз, како торта, преку апарат се слеваат во корнет. Да не беше Ненси Џонсон, немаше да го имаме машинчето, барем не во 1846 година, кога оваа г-ѓа ја конструирала првата „сурогат мајка“ за сладолед.
Инаку, за сладолед може да се пишува во зависност од кој агол се гледа, се разбира и во кој контекст е кажаното. Мојата цел е оптимистична и смирувачка за оние што го прескокнуваат и игнорираат сладоледот, како да им е најголем душман.
Еве на што мислеа научниците што упатуваа на диетата со сладолед. Целата приказна се темели на калциумот, затоа што диетите се најчесто сиромашни со минерали и тие оневозможуваат калориите да согорат. Кога нема калциум, мрсните клетки ја потхрануваат маста и нивниот број се зголемува. Има логика – колку повеќе мрсни клетки, толку повеќе килограми. Со сладоледот се добива оптимално количество на калциум, па така и слабеењето се забрзува. Ваквата диета е лимитирана на неколку топчиња сладолед дневно, и тоа да е единственото благо што треба да го внесете.
И што е подобро и поефикасно за разладување и засладување на плус 40 степени? Сонцето пече, а кога ќе се загледате во небото, жолтите тркала се зголемуваат и намалуваат, се` во еден миг. Како филмска фатаморгана.
Купив едно топче сладолед во „Малага“, па во „Ескимо“, „Џино“, пробав сладолед на стапче и најмногу уживав во сладолед од машина, на корнет. Каков сладок ден! Во меѓувреме се сетив и на инстант психологија – мојот избор беше чоколадна топка (тие што сакаат чоколаден сладолед склони се кон драматизирање и затоа омилени во друштво), па јагода (бараат многу, добиваат малку, најмногу поради резервираноста), и за на крај, ванила (екстровертна личност што никогаш не вели „не“). Хммм, човек себеси се открива цел живот. Во меѓувреме си признав дека не сум подготвена за некој експеримент и новитет, читав дека меѓу најневообичаените се вкусовите на сладолед од бел лук, авокадо, тиква и грав….Не, можеби за некоја година…
Да се каже се` за сладоледот е неможно, всушност тоа е некаква груба конструкција или некаков калап во кој оваа божествена слатка може да се смести. Ама пак затоа знам дека освен путер од кикиритки, Елвис Присли се давел во сладолед, а земјата родилка на ова слатко задоволство е Кина. Тој во Европа е дојден благодарение на Арапите, а на англискиот двор уште во 17 век постоела строга забрана за рецептот да излезе надвор од границите, потпишана лично од Чарлс Втори. Потоа… Александар својата војска ја засилувал токму со сладолед, а следните податоци можат да влезат во „Верувале или не“ на Рипли…
Ги поздравувам Италијаните – тие пред неколку години, недалеку од Болоња отвориле Универзитет за сладолед, а цената на студирањето е 800 евра неделно: во Велика Британија е послужен сладолед од мајчино млеко, а слаткарниците на Обединети Арапски Емирати нудат сладолед со млеко од камила и тоа во четири различни вкуса: шафран, кари, карамела и чоколадо.
Уживајќи во овој екстра специјалитет се обидов да регистрирам кој се` јаде сладолед, но резултатот беше нерешен, и во однос на годините и во однос на половата припадност… Кај мене декаденцијата оди рака под рака, или уште подобро – прегрната, со убавите зборови… Во „Смисла“, Габриел Гарсија Маркес вели „Кога Господ за момент би заборавил дека сум само марионета и би ми подарил ронче живот, можно е дека не би кажувал она што мислам ама би мислел се` што зборувам, работите би ги ценел не по она колку чинат, туку по тоа – колку значат, би спиел помалку, би сонувал повеќе…., би слушал кога другите зборуваат и, ах, колку би уживал во сладолед од чоколадо…“ (Вања Тодоровска)
Foto- Pexels