АЈ ФИЛ ФУД : ЛЕБОТ Е ЉУБОВ
Предизвикот да пишувам а богами и замесам леб беше преубавото „клипче“ на Слоу фуд од Битола, за лебот. Толку магнетски ми делуваше стасаното тесто што толку кротко се месеше, што веднаш ми скокна адерналинот. – Стареам ли, се мислам и ги засукувам ракавите…„Традицијата изчезнува …. ретки се или скоро не постојат семејствата кои имаат домашен леб …“, пишуваше на статусот а јас рацете ги бришам од брашното и чекам да се испече лебот. Омамена сум од миризбата, некако сум свечено- традиционална, „ми врие“ нешто смилевско и еве пишувам за најголемото нешто. За лебот.
„Кога има леб и тагата е полесна“- забележал Сервантес а јас се надоврзувам со оптимистичка варијанта – лебот е асоцијација за среќа и љубов во куќата… Што се вели- домаќинлук.
За леб треба да смешате желба, добра воља и рано, по можност неделно утро. Да сте внимателни, трпеливи и кротки во движењата, затоа што раѓањето на лебот е најубавата работа на светот што секогаш има реприза.
„Имаме ли леб дома? “ е нешто како знак на препознавање на- наши и нивни, свои и туѓи, домашни и натрапници… Мек, топол, прозрачен, мириса на најголемите тајни кои не држат заедно…Измесениот леб е чиста, најчиста љубов никната од вода и брашно : споено, месено и обликувано…Ехехе, филозофија во која малку е многу, едноставното е комплексното. Сеедно од што е, и небитно во какваа боја е, лебот е единствена намирница што ја јадат луѓето од најразлични раси и култура… Лебот не се фрла, се јаде со прсти а за него, исто како и за љубовта, најмногу се страда.
Кај словенските народи лебот е дел од ритуалот за добредојде, присатен во протоколи и неизоставен на домашните слави и празници. Кај скандинавците има интересна метафора- ако момче и девојче јадат од ист леб, кај и да е, ќе се најдат и под ист покрив…
Чичко Гугл го спомнува извесниот Ото Фредерик Рохведер и 1928 година поради машина за сечење леб а сечканиот за прв пат се појавил кај Англичаните во 30-тите години од минатиот век.
Лебот има најдолга колективна меморија поврзана со црната боја и сиромаштија, а нашата, рисјанска молитва го има во многу делови. Денеска е се обратно, но, има логика и во тоа.
Покрај ведрата, светлата страна, ја има и онаа друга боја- не ја разбираат сите убавината на лебот. Нутриционистите и нивните диети на пример. Точка број еден гласи – заборавете на лебот, отфрлете ги белите убијци (брашното пак на тронот, пред белиот шеќер), и се во тој тон….
Ние јадеме доволно леб но најголеми потрошувачи на пченицата, на планетата се Косоварите (со 167 килограми пченица годишно на човек) па Србите, Црногорците. Потоа сме ние, Македонците.
Како и да е, статистичарите испишале бројки дека просечното домаќинство на ден консумира по 750 грама леб, а понатаму, секој народ си прави своја историја – Чесите го мешаат брашното со пиво, Романците со компир, Французите како идентитет го имаат багетот, во Германија постојат сто вида леб, Иранците се горди на „барбари“, чија коричка се премачкува со сода и вода, за да крцка, на Блискиот Исток се јаде пита леб, во Босна – босанскиот сомун а нај нај леб се пече под вршник… И се различно а пак исто, на целата планета.
За крај, пак ќе кажам- лебот мириса на среќа… Откако ќе го вкусите и поделите со најдрагите, таа миризба секогаш ве враќа на вистинското место.
Мојот леб е готов. Повелете!
Валентина Вања Тодоровска