Кисела зелка не е само подварок и сарма
Киселата зелка и расолницата се вистинско зимско гурманско задоволство. Зелката во оваа ферментирана состојба е многу здрава, дејствува детоксикациски, нема маснотии, а во 100 грама има само 18 калории. Главна состојка е витамин Ц, ама и многу витамин К, Б-6, потоа фолна киселина, калциум и калиум.
И, кога се во прашање кисела зелка и рецептите, најчеста асоцијација се сарми и подварок.
Но, зелката не е само тоа.
Ова се рецепти што ќе ви овозможат да скршнете од стандардните, односно да пробате некои сосема нови јадења.
Торта од кисела зелка
Потребно е: за тесто – 300 г брашно, 150 г путер, половина лажиче сол, 1 јајце, 6 лажици вода. За фил – 2 главици кромид, ситно сечкани, 400 г кисела зелка, 4 лажици масло, половина кг колбаси, 100 мл млеко, 2 чаши павлака, 2 јајца, 2 жолчки, сол, црн пипер.
Состојките за тестото замесете ги и оставете ги 1 час во фрижидер. Потоа развијте го тестото во плех и печете околу 20 минути.
Фил: маслото се загрева, се додава кромидот и колбасите и сето тоа се пржи. Млекото, јајцата, павлаката, жолчките, сол и црн пипер се матат и се ставаат над тестото одозгора. Се пече во загреана рерна околу 10 минути.
Мусака со зелка
Потребно е: 250 г јунешко месо, 250 г свинско месо, кромид, 100 г сланина, 1 главица кисела зелка, 100 г ориз, малку доматно пире, лавров лист, филџан млеко, јајце, масло сол и црн пипер.
Во тавче на жежок оган го пржиме кромидот и сечканата сланина се` додека не омекнат. Потоа додаваме ситно сечкано месо и продолжуваме да пржиме. Следниот чекор е ориз, го ставаме и лавровиот лист и доматното пире. На дното на огноотпорен сад првин ја редиме варената зелка, сечкана на резанки, одозгора месото и оризот и повторно ставаме зелка. Сипаме вода и потоа садот го ставаме во релна да се пече еден час. На крај ги ставаме изматените јајца и млекото да се допече уште 15 минути.
Истарска зелка
Потребно е: 100 г пастрва, 2 компира, 3 главици кромид, 2 моркова, 2 чешниња лук, 1 пиперка, лавров лист, масло, црн пипер и сол.
Месото се мие и се сече на парчиња, се пропржува со кромидот. Се додава лавров лист, црн пипер и се пржи додека местото не стане меко. Се става зелката сечена на коцки, морков на тркалца, пиперка, компир, се додава вода и се динствува уште еден час.
Пица
Потребно е: 200 г брашно, 75 г путер, 3 лажици вода, 150 г сечкана сланина, кромид, лук, 600 г сечкана зелка, 200 г блага павлака, црн пипер, ким, морско оревче, 100 г рендан кашкавал и 4 изматени јајца.
Путер, вода, сол и брашно се мешаат и се прави мазно тесто кое треба да отстои во фрижидер половина час. Зелката убаво се мие и потоа се цеди. Лук, кромид и сланина се пржат и потоа се ставаат настрана да се изладат. Мирудиите, павлаката и ренданиот кашкавал се додаваат во смесата со зелка. Се развива тесто, а над него се става филот и се пече околу 40 минути на 200 степени.
Шницли
Потребно е: 500 г компир, 100 г сланина, кромид, магдонос, половина главица зелка (околу 500 грама), 3 јајца, 2 лажици кисела павлака, сол, црн пипер, морско оревче.
Компирот се ренда, потоа се цеди и се меша со сите останати состојки. Се загрева маслото, а од смесата се обликуваат плескавици што се валкаат во брашно.
Кнедли од зелка
Потребно е: 250 г рендана зелка, 200 г сува сланина, 600 г брашно, 2 јајца, црн пипер и сол.
Зелката се мие и се цеди, се додаваат брашното и сланината (сечена на коцки), јајца, црн пипер. Од ова се замесува тесто кое се дели на два дела. Се обликуваат две топки што се ставаат во платнени вреќички и се варат во жешка вода околу 20 минути. Кога ќе се излади тестото, се сече на парчиња, дебели околу еден и пол сантиметар. На крај се посипува со лебни трошки.
Фото: dishmaps.com, yemekresimli.com
Коментарите се затворени