Ај фил фуд. Да се јаде за да се живее
За оние што постат, изминатите деновите беа поврзани со искушенија. И верниците и информираните знаат дека точно шест недели- се до 7 јануари, траат божиќните пости. Четириесет дена, кои се подготовка за Божиќ, треба да се почитува правилото „да се јаде за да се живее“, а не обратно.
Постењето, реално гледано, би требало да го применуваат луѓе, односно личности со стабилен карактер и умна мисла, затоа што освен воздржувањето од мрсни јадења од животинско потекло, или ако сакате – месо, треба да испочитува нешто многу посилно – духовниот пост.
Тоа значи – да бидат подобри, луѓе кои не озборуваат, гледаат во својот двор и во свои плодови, со кои си ја хранат душата а главата и срцето им се исчистени од лоши и грешни мисли и исти такви дејанија.
Звучи скоро филмски, ама е вистинито.
„Ќе се оженам сега или никогаш – напишал во својот дневник прославениот а мојот омилен Лав Николајевич- Толстој во 1862 година, набрзо откако ја запросил 18-годишната Софија Берс.
Петнаесет години постар од неа, познат писател и господар на Јасна Полјана имал имот од 1.600 хектари, населен со 3.000 селани, ама и многу капитал во глава… Имено, дотогаш Толстој веќе се науживал во животот – ноќите ги минувал во бордели, со чергари, се борел во Кримската војна, ја преживеал опсадата на Севастопол… Видел, слушнал и направил, и кога се вратил дома, свој на своето, посакал само мирен селски живот. Да облече удобна облека, да пушти брада, перото да го замени со плугот, и се разбира да пости, за да го исчисти и телото и духот.
Убаво нели.
За постењето секој си има своја, навидум различна причина, а сепак сите се свесни за доброто што го прават и на себеси и на околината.
Што се однесува до јадењата, овој начин на исхраната не е измислен само за да се освежи организмот, туку и да се направи генерално чистење на мислите. Во таа насока постојат корпус деликти и кај многу интересни, личности со идентитет, кои не биле имуни на се` овоземното – Леонардо да Винчи, Сократ, Аристотел, Томас Едисон… И Моцарт бил инспириран од храната, па забележал – музиката е храната на љубовта, а љубовта се храни со музиката. До лошите денови – нема храна, има музика, зашто ништо не инспирира како празен желудник…
Како и да е, деновите на постот инспирираат, па многу надежно влијае мислата дека овој период беше позитивен, толерантен, со многу простувања и сакање…
Не знам кој кажал, ама звучи свечено – душата пред телото! А на неа, на душата, не и требаат прженици, запршки, јадења преполни со холестерол и со отрови.
Така, и без консултација на нутриционисти, божиќните посни денови сосема се вклопуваат во она што се нарекува здрава храна – нема свинско, телешко, јагнешко…, има зеленчук и овошје. Манџите се збогатени со бои, миризби и мирудии, грав со суви пиперки ни е нешто како национално обележје, сите љубиме тиква, копнееме по посни сарми, риби, по неговото височество лебот, и пити со „полнења од праз“…
Како и да е, овие деновите се „скроз нерастегливи“, ладни, ма и повеќе од тоа- кочан! Во јануари сите убавини најлесно се наоѓаат дома.
Ставете го сонцето во џепот, и тоа нека ви светли одвнатре. Од срцето, мислата и глаголењето.
Текст и фото- Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени