Ај фил фуд. Храната и религијата : Што го чисти а што го „валка“ телото?
Ја почитувам и разбирам константата дека храната е дар од Господ, затоа што го слави и велича животот. Затоа се убави ритуалите на софра, малите славења и кога немате роденден, годишнина и слично – јадењето секогаш соединува и разгалува.
Но, каква е храната која има врска со религија, што почитува верски правила и секое „не“ има свое објаснување?
Јадењето што ги чува верските адети за многумина ја храни и душата и телото. Ние, христијаните, имаме привилегијата да јадеме и експериментираме со се` што сакаме, затоа што нашата религија вели „она што однадвор влегува во човекот не може да го извалка, затоа што не влегува во срцето, туку во стомакот“.
Освен тоа, месото не го класифицираме според чисти и нечисти животни, можеме да уживаме и во свински кременадли, и во зајачко печено, и во лигни и ракови, што ги заливаме со убаво бело вино.
Колку пиеме е прашање на личен избор, издржливост, некои го нарекуваат и „тренинг“, ама затоа постојат и „чистења“, денови на пост, преку кои телото доаѓа до некој баланс .
Баба ми до последен ден постеше во петок, тогаш се вари грав кој има посебен вкус – мирислив е и некако кроток, сладок, а цели ливчиња свежо нане прават совршено чувство на хармонија. „Е ова ти е поубаво од се` на светот“, ме нагостуваше таа и со зборови.
Кога слушнав за халал и за кошер, ми побудија интерес еврејската и муслиманската кујна. Дозволените јадења во нив. За мене неистражени, како ковчежиња со благо, овие кујни ми се чиста егзотика.
Значи, исхраната кошер и халал е врзана за верските обичаи на евреите и на муслиманите. Тоа, многумина ќе се согласат, не е само и единствено храна, туку и начин на живеење, разбирање и толкување на светот. И срце и мозок!
Првата работа кај нив е што не гледаат добронамерно на алкохолот а муслиманите имаат интересна поговорка – кој вечера алкохол, руча вода.
Муслиманите од Северна Африка, на пример, произведуваат вино, ама не смеат да го пробаат – според Куранот, со него ќе се насладуваат во рајот.
Евреите во врска со „огнената вода“ ја поврзуваат умереноста со целото животинско царство. „Ако човекот испие малку – добар е како овца, ако испие малку повеќе – станува храбар како лав, ако ја премине мерката зол – е како тигар, а ако пиењето стане страст – наликува на свиња која се прпелка по блато, па така од себе прави – мајмун“.
Кујната на Евреите ја има базата во старозаветните прописи, односно од нивната Библија – Тора. Кога се колат животните, тие не треба да се мачат, да почувствуваат страв и болка, и затоа мислам дека Евреите се најхумани, или, најосвестени на таа тема. Потоа, во Тора се вели дека е грев да се вари јаре во млекото од мајка му. Но, затоа подоцна.
Еврејската исхрана подразбира три вида кошер (дозволена) храна – неутрална (зеленчуци, жита и некои видови риба), млечна и, на крај, месна.
Кај месото се потенцираат животни што имаат рогови, што преживуваат, ама се јадат и кокошки и мисирки.
Свинското месо е забрането и кај нив и кај муслиманите – и тоа е наследено од прапрадедовци – 2.000 години пред Христовото раѓање, во Египет е исфрлено свинското, затоа што ова животно се идентификува со Богот на хаосот и лошотијата.
Не се јаде и зајачкото и месото од камила.
И изборот на рибите не е баш наједноставен, дозволени се оние што имаат крлушки – туна, лосос, харинга, а сите водени животни без тој „додаток“ не смеат да се најдат на трпеза. Тоа значи „не“ за ракови, јагули и школки.
Џигерици, црева, бубрези… сето тоа се фрла. Понатаму, никогаш не смее во исто тенџере да се вари и млеко и месо (гореспомнатиот пасус за јарето и млекото). Тоа е голем грев, а за тие намени, оние што немаат одвоени кујни, мора да имаат различни тенџериња.
Халал е арапски збор и се однесува на дозволена, душевно и религиски чиста храна. Пазарот каде што таа се пласира воопшто не е за потценување – нивните производи вредат 1,2 милијарди долари. Што се смее, а што не во халал исхраната? Е тука постојат десет забранети зони. Ќе одам по ред.
Се забранува се` што му штети на организмот и го труе – алкохолот, наркотици, цигари.
Потоа, се` што е нечисто – свинско месо, месо на глушец и магаре. И самото месо, додека да се најде на чинија, треба да помине долг пат – животното треба да е внимателно одгледувано, здраво, а голема одговорност ја има и „џелатот“, тој во себе не смее да има ниту капка алкохол и мора да е муслиман… Не се јадат пчели, мравки, жаби, ама и животни што имаат песјаци- лав, волк, слон и птици со канџи. Под графата – забрането спаѓа и туѓото јадење, украдено или скриено…
За крај, ќе го спомнам податокот врзан за колење животни, тоа ми остави најсилен впечаток, во секоја смисла. Колењето според прописите на халал и кошер го намалува стравот кај животното со што го спушта адреналинот, ама и другите хормони во крвта и органите, и месото е многу подобро и поздраво за јадење.
Валентина Вања Тодоровска
Фото-Pexels
Коментарите се затворени