Маја Платнар: „Здраво Живо“ е среќа секој ден
За Маја Платнар се врзуваат неколку работи: живата храна, бистрото „Здраво Живо“ и привилегијата храната во својот базичен израз да заштитува од болест.
Запознајте се одблиску со оваа храбра и креативна девојка но и со можноста термички необработената храна да се спојува во најразновидни и вкусни рецепти што резултираат со добро здравје и многу енергија.
„Само живо дава живот“ – велиш ти, но како целосно би го демистифицирала поимот, жива храна? Нешто како – Збогум на шпоретот и добредојде за блендерот?
– Храна која дава живот. Во суштина, станува збор за само уште еден начин на подготовка на храната која ја јадеме со векови. Нови комбинации подготвени на нов начин. Блендерот е последната фаза, кога веќе стануваш сигурен дека ваквиот начин на исхрана е твоја животна определба… И да, така е: веќе не ви треба шпорет, не ви треба ништо на струја.
Маја, ти си дете на сонцето- секогаш си сакала да готвиш, и тоа „секогаш“ бил огномет од поинаквости. Потоа почна да се лекуваш со храна, а во меѓувреме ти и околината ги чувствувате благодедите на живата храна, стартуваа твоите работилници, и се побројни се луѓето што сакаат здраво да се хранат, да имаат повеќе енергија…Ги пишуваш новите страници од животот а во целата личотија се роди и бистрото „Здраво Живо“.
– Токму така и хронолошки точно. Мојата приказна е точно она што го карактеризираме како „во цела несреќа, среќа“. И навистина тоа ми е бистрото, среќа секој ден. Среќа поради тоа што работам нешто креативно, поинакво и среќавам куп различни, ама прекрасни луѓе. А кога сето тоа ќе вроди со плод, па ќе чуеме за излекувана болест, за новороденче, за луѓе поспокојни, позадоволни, ослабени, здебелени.., но најмногу кога ќе чуеме колку храната им е вкусна, е, тогаш на среќата и нема крај.
Всушност, кај тебе имаат примена изреките- храната e лек, потоа- здравје низ уста влегува, па- не се јаде се што лета и оди, но, што велиш за: појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателите а вечера со непријателите?
– Уживај во секој оброк, каков и да и е и со кого и да е. Умот е најважен. Ако е тој задоволен и среќен и телото ќе е.
Кои се советите што најчесто ги даваш? Дали сите можат да консумираат жива храна и колку е важно да се одбегнуваат производи што предизвикуваат киселост во организмот?
– Совети навистина има многу и се чести, ама секогаш се индивидуални. Никогаш не постои совет кој е генерален и важи за сите. Најважен е балансот во исхраната, па така и за киселите или базните продукти.
Алкалност, што е и нашата главна цел се постигнува со балансирана исхрана. Инаку, жива храна може да јаде секој. Но, постојат луѓе со проблеми на дигестивниот тракт, како Кронова болест, или одредени канцери на цревата, каде е дозволено да се јаде само веганска храна, но да е варена.
Колку и како можеме да направиме детоксикација?
– Процесот трае 28 дена и најдобро е тоа да се прави 2 пати во годината.
Користењето на програма за детокс со жива храна може да биде една од најважните работи што треба да ги направите за да го подмладите вашето физичко тело, и да направите промени со кои ќе ги разбиете и најжестоките „непријатели” на вашето тело. Таа исто така може да ви даде единствена можност да ги трансформирате вообичаените рутини, како и да ги преиспитате и смените однесувањето. Оваа програма е препорачлива за сите но секако е задолжителна за оние кои се судриле со здравствен предизвик и животот за миг им станал посериозен.
Освежете го организмот, тој пак ќе е жив и ќе ви се насмевне.
Не готвиш без љубов, но има ли зачини, мирудии без кои не можеш?
-Лимон и оцет од диво јаболко.
Лазања, најпродаваниот продукт од целото мени на „Здраво Живо“
Тројночоколадна торта: најбарана и според 90% консументи-
највкусна
Нашата земја е рај за зеленчук, манџичките ни се поезија, но ме интересира колку организмот ги прифаќа, препознава, продуктите кои не се од ова подрачје. Ѓумбир на пример?
– Готвам и живеам со филозофијата дека треба да се јаде она што успева на подрачјето каде што си. Сите продукти кои не се македонски, ги користам умерено. Секогаш ја барам соодветната замена или ги користам како зачин.
Во време на изолација и корона вирусот, масовно почна да се готви. Слободното време не врати на огништето, но, работите некако се отргнаа од контрола, се заборава на умереноста, а се јаде се и сешто. Всушност, кои се убавите нешта што можеме да ги направиме сега? Со што најмногу ќе му помогнеме на својот имунитет?
– Ако е мотото на СЗО тестирај тестирај тестирај, тогаш нашето, на „Здраво Живо“ е, Смуди, Смуди, Смуди. „Здраво Живо“ е познато по зеленото смуди, кое е комбинација од зелени листетсти зеленчуци, 3 или 4 видови овошје или зеленчук и семиња, како лен и коноп.
Зошто зелено смуди?
-Зелените листести зеленчуци се најздравата храна на планетава, бидејќи се извор на витамини и минерали. Најдобриот и наједноставниот начин да ги конзумирате во голема количина е преку зелените смудија. Само така може да изедете голема количина.
Освен зеленото, кое го јадеме заради хлорофилот, кој пак е само еден атом различен од крвната плазма, во зелените смудија на „Здраво Живо“ има и голема количина најразлично, сезонско, македонско овошје кое е храна и има доволна количина шеќери, а има и семиња, како лен и коноп, кои го хранат организмот со омега три киселини, со растителни протеини.
Најважно од се е дека зелените смудија се енергетски напитоци број еден.
Пролет е па на пазар ги има најубавите зелени салати, младо кромитче, спанаќ, млади зелки. Затоа јадете многу салата, збогатете ја со семиња и јатки, вкусно маслиново масло. Грицкајте моркови, јаболка, круши место чипс, смоки, кикирики. Наздравете со вкусно, македонско вино и јадете здрави и живи десерти, на кои и најголемите карнивори не можат да им оделеат.
Велат, секоја несоница има свое име и презиме. Кој е советот за мирен сон? Како ти го почнуваш а како да го завршуваш денот?
-Вообичаено не верувам дека една состојка може да смени многу, ама во ова цврсто верувам, оти сите го пробавме и видовме дека е точно. Високите нивоа на антиоксиданти и серотонин, хормон кој во голема мерка го продолжува сонот и квалитетот на спиењето, го прави кивито да е број еден „лек“ за несоница.
Доволно е да изедете едно киви, еден час пред предвиденото време за спиење и така со ред 2 недели и резултатите се неизбежни, а бенефитот ќе го почувствувате веднаш.
Ако пак сте во можност да си направите смуди од киви и банана, одличен извор на магнезиум и калциум, кои ви ги опуштаат мускулите, ќе спиете како мало дете, безгризжно, долго и цврсто.
Инаку, денот го почнувам со смуди, а најчесто го завршувам со големо количество зеленчук и шолја чај со еден исцеден лимон.
Ќофтенца со месо од ореви, сникерс торта без шеќер, брашно и млеко, безглутенски лепчиња со сирење од индиски ореви, супа од кокос, лимон, ѓумбир и чили со крем павлака од индиски ореви… , се рецепти со кои ги најавуваш интересните новитети.
– Да. По барање на сите следбеници го подготвувам вториот готвач „Моите безобразно вкусни десерти“.
Првиот готвач е оддамна излезен и се вика „Мојата жива кујна“. Во него се опфатени 100 основни рецепти и се објаснети процесите како да почнете да подготвувате жива храна. Поделен е во сектори и има само 10 десерти.
Но, она на што особено се радувам, а кое ви го ветувам за догодина ќе биде „Мојата македонска жива кујна“, каде ќе ги сместам сите живи рецепти кои се трансформација на македонските традиционални јадења.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени