Никола Марковски за фудбалот дома и надвор: Австралија има пари- нема тренери, Македонија нема пари ама нема ни услови
Битолчанецот Никола Марковски, поранешен фудбалер на Пелистер и на репрезентација, скоро пет години живее во Мелбурн, Австралија. Вели тешко му било да се раздели од фудбалот во Македонија и тешко му било да се навикне на малиот интерес за фудбалот во Австралија, како трет спорт. Но, на крајот неговиот труд се исплати. Освен што игра професионален фудбал, отвори и своја школа и посветен е на талентираните деца што повеќе им се најде во остварување на нивниот сон.
Играше во Пелистер, во репрезентација, па замина за Австралија. Дали причината беше само љубовта или разочарување од фудбалот во Македонија?
-Одлуката да се преселам со мојата сопруга во Австралија беше заедничка, заедно одлучивме да се вратиме назад со цел мојата сопруга да ги дозаврши студиите и дипломира , исто така голема улога во мојата одлука беше и разочарувањето од политичката состојба и спортот во Македонија!
Колку години си во Австралија и колку ти беше тешко на почетокот, сепак, од играч во репрезентација замина во непознато?
-Искрено секој почеток е тежок, разделбата од моето семејство, роднини и блиски пријатели беше тешка. Кога пристигнав во Австралија освен семејството на мојата сопруга не познавав никој па првите месеци тренирав напорно секој ден со цел да порбам да најдам клуб. Со малку среќа успеав да се изборам за професионален договор во Премиер лига со што започна моја нова страница во животот.
Остана ли во фудбалот, што работеше овие години во Австралија?
-Еве скоро четири години сум во Австралија се занимавам со фудбал и покрај фудбалската кариера , отворив моја приватна академија МВП и постепено се фокусирам на мојата тренерска кариера.
Сега после скоро пет години живот во Австралија, можеш ли да направиш споредба од фудбалот таму и фудбалот овде?
-Разликата е голема помеѓу фудбалот во Австралија и Македонија. Во Австралија има услови за работа но системот не е спрема ФИФА стандарди и не е развиен на ниво на Европа. Има само 12 професионални клубови во цела држава и е тешко да се влезе во нив. Не се инвестира во тренери и на ниво на држава е трет спорт. Доколку не си професионалец, не се живее од фудбалот. Полека се движи во нагорна линија но сеуште е далеку од елитата. За Македонскиот фудбал е жално што имаме премногу таленти и квалитетен кадар на тренери кој за жал ги губиме во странство поради лошите услови во државата. Мислам дека во Македонија треба голема инвестиција во изградба на стадиони каде децата ќе имаат услови за работа . Како држава имаме најлоша инфракструктура на Балканот.
Што, според тебе недостасува фудбалот во Австралија да се издигне на повисоко ниво?
-Во Австралија недостасува стручен кадар и интерес на државно ниво за експанзија на фудбалот. Недостасуваат професионални клубови, стручен кадар и систем кој ќе биде дизајниран со цел да им се помогне на клубовите од понизок ранг да се издигнат во елитата. Недостасуваат лиценцирани тренери, нема доволно работни места едноставно, како тренер со А лиценца нема доволно работни места. Доколку се направи систем со испаѓање од елитата и се формира професионална Б лига не гледам напредок и иднина во фудбалот
Гледајќи од илјадници километри далеку што мислиш дека треба да се смени во фудбалот во Македонија за да конечно заиграме на европско или светско првенство?
-Мое лично мислење е дека во Македонија најголем проблем е инфрастуктурата. Ни треба во секој град стадион спрема ФИФА стандарди, помошни терени низ цела Македонија, и плати приближни на оние во Европскиот фудбал. Да се разбереме , како фудбалер во Македонија тешко се живее. Луѓето претежно се критички настроени кон фудбалерите, за бледите изданија во македонската прва и втора лига, но истите тие не знаат низ што поминуваат нашите деца. Луѓето незнаат дека во Македонија некои играчи земаат три плати во годината, дека клубовите лесно одат во банкрот, дека газдите на клубовите не се држат до договореното. Едноставно како фудбалер се живее многу тешко. Недостасува опрема, спортски доктори, нутриционисти , правилна исхрана и суплименти за фудбалерите. Исто така е жално што се уништени илјадници таленти со неправилно селектирање на децата во националниот тим. Многу малку играчи и деца добиваат шанса да се докажат во националниот дрес. Мислам доколку ги исполниме наведените услови можеби ќе го оствариме сонот за Европско и Светско првенство, но во моментов сме многу далеку од тоа. Се надевам дека со новата генерација на нашата репрезентација работите ќе тргнат во нагорна линија.
Колку често доаѓаш во Македонија, имаш ли можност да се сретнеш со поранешни колеги и што тие ти кажуваат за состојбата во фудбалот во овде? Колку се разочарани? Со кого од поранешните колеги остана во комуникација?
-Во иднина планирам на секои 2 години да се вратам дома и ги посетам моите пријатели. Во контакт сум со повеќе тренери од Прва и Втора лига мои пријатели и бивши колеги од Пелистер, Победа, Работнички, Академија Пандев исто така и со актуелни фудбалери во македонската Прва лига. Проблемите се исти секогаш , поради нередовните плати и условите за работа се очајни. Секој квалитетен играч или тренер очекува прва прилика да оди во странство за подобра егзистенција, што е многу жално за држава која се спрема да биде членка во ЕУ и доведе европски стандард на живење.
Имаш школа за фудбал, па што е она што како совет го кажуваш на децата?
-Мој совет за младите генерации на фудбалери е дека треба да работат многу , да бидат упорни и не се откажуваат од своите соништа. Во фудбалот си секогаш на граница на успехот и неуспехот. Во фудбалот се потребни пет минути да се промени се , доволно е еден момент да се оствари сонот. Доколку сте упорни и дадете се од себе успехот е неизбежен. Затоа верувајте во себе и не се откажувајте.
Кои се твоите идни планови, сега како тренер?
-Моите планови во иднина како тренер се да им помогнам на децата да си го остварат сонот и да ги подготвам да станат професионални фудбалери. Во иднина работам напорно да им обезбедам проби и интернационални турнири , со цел да видиме на кое ниво се нашите деца во споредба со оние од елитата. Се надевам дека се ќе оди во најдобар план. Моментално организиварв неколку проби во Шпанската ЛА ЛИГА кон крајот на август а во иднина можеби ќе испратиме фудбалери и во Италија- Серија А. И нормално работам напорно да станам професионален тренер.
Како е да се живее далеку од дома? Колку твојата сопруга има разбирање за твојата професија?
-Да се живее далеку од дома не е лесно,секогаш ми недостига семејството и моите блиски пријатели, а среќен сум поради тоа што мојата сопруга Николина ја разбира тежината на мојата работа и во иднина доколку најдам работа во било која држава надвор од дома уште ја имам нејзината подршка . Секогаш е тука кога работите не одат во најдобар ред и секогаш ме мотивира да не се одкажувам од мојот сон. (Весна Миленковска)