Исидора Бјелица: Добро е да се готви со позитивна мисла и со црно неглиже

Исидора Бјелица е заштитен знак на животот, слободата и стилот. Жена со биографија достојна на една филмска дива, писателка која во своето творештво брои над 60 книги, од кои последните, трилогијата „Сама“, потоа „Мирис на небото“ и „Помогнете пријателки“ достигнуваат вртоглави тиражи . Секогаш своја, искрена и сензитивна а во менталниот склоп- воин, таа без влакно на јазик и со бескрајна трпеливост со години се бори со предрасудите на околината.
Поради своите идеи, остра перцепција и умна глава што ја чуваат шапките (ги има над 120), Исидора често стекнувала непријатели, останувала без работа, а по јавното прозборување за најголемото табу на Балканот, битката со карциномот, таа предизвика вистинска „револуција“. Но, Иси има огромна војска на луѓе што ја сакаат и подржуваат во што и лично се увери кога се соочи со болеста за која медицината нема конечен одговор. Така, хероината на овој текст ја намали брзината, ја смени исхраната ама и мислите, и во ниту во еден момент не се откажа од сништата. Во ова интервју, по своја желба Исидора не зборува за болеста, туку оптимистично кокетира со сите нешта што животот го прават величествен.

Среќата има многу лица, ама ова, кога ќе се допре болеста, премрежие што треба да се помине е нешто како отрезнување. Колку Вашиот живот во меѓувреме се смени, колку почнавте да забалежувате малечки, довчера невидливи нешта?
– Работите што кај себе ги сменив се толкуваат како молитви за моите непријатели и простување на најблиските. Најтешко им простуваме на оние што најмногу ги сакаме затоа што очекуваме да бидат совршени. Простување е процес на заздравување затоа што големи количества на горчина во нас стануваат опасни. Постење, исповедување, прочиствување, тоа ве штити од негативни енергии повеќе од било што друго на светот. Што се однесува до хуморот и малите нешта, со нив секогаш добро стоев.

Колку ја почитувате изрека на Вајлд – добро е додека те озборуваат, лошо е кога ќе те заборават… и колку тоа што за Вас нема забранети теми и табу-прашања создава слика дека не сте ранливи, дека не Ви треба никој?
-Да, добро е додека ме озборуваат иако одвреме-навреме навистина се чудам какви се глупости не измислуваат, главно, ништо не демантирам, здодевно е. Што се однесува до мојата слика, навистина е лудило колку луѓето се изненадуваат кога лично ќе ме запознаат, бидејќи сум чувствителна, ранлива и навистина хиперсензибилна, што не значи дека не сум силна. Едноставно мислам дека колку си посилен, толку си поранлив, а тоа е парадокс. Обожавање, љубов, предизвикуваат зависност, па незабележително се навлекуваш, без да разбереш колку си зависен. Сметаш дека тоа е нешто што го поседуваш и како да не е ништо особено за да во моментот кога го немаш, разбереш дека ти се урнал целиот свет, дека тоа е поважно и од храната и од воздухот.

Пишувањето Ви е љубов и страст, ама и медицина. Како Ви се случија книгите, има ли формула за леснотијата со која ги пишувате?
-Научив да пишувам од пет години, а приказни од својата шеста, пишувам цел живот и сакам да пишувам, како што кажал Платон, како некој да ми го диктира текстот, а јас сум медиумот за она што мора да биде раскажано. Понекогаш мислам дека и мојот личен живот е искористен за таа намена, поминувам и јас низ тешки ситуации, веројатно, за да ги раскажам приказните и за да им помогнам на другите луѓе. Не сум на его трип како многумина од моите колеги писатели, јас пишувам како што се работи која било друга работа, некој лекува луѓе, некој гради мостови…, ги совладав сите техники на пишување, и како што кажа Бајрон, јас единствено знам добро да пливам и да пишувам и тоа е тоа. Добро, знам по нешто и вкусно да зготвам и желба ми е да отворам ресторан на Кариби. Ама и таму не би готвела секој ден, тоа е како водење љубов, не чини кога е на сила, зашто се работи за уметност. Секоја мисла се пренесува на јадење, затоа е добро да се готви со позитивна глава и црно неглиже.

Во доменот на професијата Ви стои и – уредништво, ме интересира каква бевте како шеф?
-Со недоволен авторитет. Секогаш имав повеќе разбирање за подредените отколку за надредените, не се изживував со луѓе и полна сум со разбирање за секој, ама од друга страна, не поднесувам нереботење и песимизам. Тоа е лошо и за работата и за лицето.

Колку ја сакате својата препознатливост? Може ли комплиментот од некој странец да Ви го поправи расположението и обратно?
-Така е тоа, се разбира дека ми годи, луѓето кои велат дека негативните работи не ги растажуваат, а позитивните не ги радуваат – лажат. Зборовите носат енергија, а јас ја сакам добрата и кога ќе ја препознаам, навистина ме усреќува. Од друга страна, се обидувам да ги одбегнувам примитивците, завидливците. Сличните луѓе секогаш се препознаваат. Некогаш бев многу тажна поради злобата, а денес разбирам дека таа оди во пакет со среќата.

Важите за „геј френдли“ особа. Што имаат Вашите геј-пријатели, а немаат хетеро-мажите?
– Подобар вкус, фетишизам, понежни се и полни разбирање за мојот неусогласен карактер.

Како што растат, Вила и Лав се повеќе наликуваат на Вас. Колку децата Ве сменија во она што го нарекувате- неусогласеноста на карактерот?
-Многу, од доаѓањето на Лав и Вила веќе не сум толку егоцентрична ниту меланхолична, тие се мојата најголема иницијација. Кога ќе видам жена, точно знам дали ја поминала истата, зашто децата сосема ја менуваат нашата психа и нашата можност да го запознаеме светот. Неверојатно возбудливо е да си мајка, кога го родив Лав, 48 часа бев будна и само гледав во него и бев возбудена и шокирана дека родив бебе. Како што растат и созреваат и мене ми се се поинтересни, уште од мали ги гледам како личности и сакам тоа да останат.

Жените Ве сакаат, или попрецизно, во Вас гледаат нешто што самите немаат храброст да го направат. На што најмногу ви завидуваат?
-Не знам, веројатно, зависи од жена до жена, некоја ми вели дека се восхитува на мојата ирационалност да живеам така непресметано, на крајот на краиштата – неодговорно, а јас мислам дека животот е многу краток и неизвесен и дека каква било калкулација кон него е одреден израз на лудило, некои ми велат дека ја сакаат мојата отвореност, дека зборувам се што мислам и работам она во што верувам. Е тоа е веќе работа на карактерот, јас немам сила за компромиси, тие исцрпуваат, брутално сум искрена, бидејќи поинаку не знам да живеам.

Во многуте премрежија животни, преиспитувања, лекувања.., како денес изгледа еден ваш обичен ден? Сменивте многу навики, ги исчистивте мислите ама и телото?
– Тоа е цел еден систем а многу научив на алтернативна клиника на Флорида, и за болни и за здрави. Првите да работам превентивно, вторите за алкалната исхрана и за купишта совети кои никаде не можев да ги слушнам – околу козметиката, негата, водата која се заситува од отровите … Сите дома, јас, Небојша и децата научивме и да живееме и да се храниме поинаку, сега го знаеме вистинското значење на зборот „здравје“ и на зборот живот. И кон него се однесуваме со голема доза на восхит и почитување. (Вања Тодоровска)

фото- Милан Ќириќ

 

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашата емаил адреса нема да биде објавена