Колумни за душа- Кога немавме интернет: Девојчето со шеширот
Кога бев дете, речиси во секоја куќа висеа гоблени по ѕидовите. Тоа беше невидена мода. Се продаваа шеми, со помали и поголеми гоблени. Парчиња платно, избодени со безброј мали дупчиња, кои вештите женски раце требаше уредно да ги пополнат со конци, со соодветната боја. Постоеја мали гоблени, т.н. гоблени за почетнички, со еден мотив и тие беа предигра за големите идни гобленски потфати. Постоеја разни шеми, поевтини и поскапи, вакви и такви конци, игли со сите големини итн. Но, обединувачки и заеднички за сите нив беа женските раце. Тие имаа задача, прецизно во рамките на шемата, да внесат конец со соодветна боја и да ја доловат замислената слика. Инвенцијата беше сведена на нула. Везеш тоа што е нацртано. И точка. Ни лево, ни десно. Самоуправно.
Тоа е некаде пред појавата на модата со тапетите. И многу пред појавата на уметнички слики во боја, кои што се купуваат за да одговараат на мебелот. Никој тогаш поим немаше дека името „гоблен“ потекнува од Французите Жан и Филибер Гоблен, кој во 15-от век во Париз отвориле фирма за боење на ткаенини. Нивните рачно изработени слики од волна и фин конец станале толку популарни, што лично Луј 14 ја приклучил нивната работилница кон својата фабрика за изработка на мебел.
Кој би рекол дека духот на Луј 14, лично, висел на ѕидот на секој втор просечен македонски дом?! Слика со вез. Вез во слика. Ист принцип, различни нијанси. Но, за век и веков, гоблените на Јакоб Вилер се синоним и симбол за екстра гоблен. Веројатно сите македонски домови би останале со празни ѕидови, доколку не биле сочувани Вилеровите шеми за гоблен. Неговата фабрика била до темел срушена за време на Втората Светска војна, но итрецот ги соѕидал шемите во ѕидовите на својата куќа… И нé спасил од ѕидно белило…
Во мое време, задолжителна ѕидна лектира беа гоблените „Коњи на поило“, „Брод на разбранувано море“, „Мона Лиза“ и „Девојчето со шеширот“. Мене коњите не ми беа многу интересни (барем не на ѕид), Мона Лиза ми беше некако грда и со уста како келнерска сметка, а бродот ми правеше немир… „Девојчето со шешир“ беше мојот избор. Русокосо, помалку или повеќе симпатично (во зависност од оригиналот на гобленот и на вештината на плагијаторот!), загледано веројатно во некое огледало, како се дотерува и го мести во профил шеширот, кој е украсен со разни цвеќиња… Не знам зошто, ама сакав тој гоблен да го краси ѕидот на мојата детска соба.
Мајка ми не ми роди сестра, барем да го извезеше „Девојчето со шеширот“. Ја повторував желбата, но залудно. Не, мајка ми, некако водена од некој уметнички инает, не везеше гоблени, туку правеше таписерии. Паја Патак, Мики Маус, Мини Маус, редовните шеми на девојчето и момчето што се молат под месечина, па дури и една огромна таписерија, цртана со некои чудни геометриски мотиви, дело на татко ми, кој цел живот има некои латентни ликовни аспирации, особено на полето на графиката. А ова му беше излет во светот на таписеријата. Но, никако „Девојчето со шеширот“. И не го извезе и не го извезе. Никогаш.
Во светот на гоблените, јас би бил рамка. А може и конец…
А велат дека модата постојано се враќа? Како Леси, која своевремено трчаше саат и пол за да се врати дома, во оној тажен филм за пријателството.
Замислете сега на некоја девојка да ѝ речете да ви навезе некој гоблен?! Тоа би го доживеала како родов атентат. Како атак врз нејзината личност, дело и мини здолниште. Па би ви рекла: „Ти личат ли овие прсти дека се создадени за боцкање со игла по платно?!“
Знам, родени се за нежно типкање по дирките на најновиот смартфон. И за ставање лајкови на социјалните мрежи. И за ништо повеќе. Чест на исклучоците.
Мислев ќе имам ќерка. И дека ќе наликува на Девојчето со шеширот, во профил. Но, ете немам.
Сега, останува да верувам дека еден сончев или зимски ден (нека биде Водолија, зошто да не?!) Господ ќе ме дарува со некоја убава внука / внуки од мојот син Филип. Се надевам дека барем една од нив ќе личи на Девојчето со шеширот од соодветниот гоблен.
Не мора да везе…
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ