Репортажа: Еден ден во Пирустија Неданоски
„И таму кај што не си, те наоѓам, замижувам и знам, се препознавам, во туѓата си сенка, во сечии си очи. Безнадежноооо…“- се разлева гласот на Хелена Благне од дворот на Пирустија, а Наташа и терцира. И тоа многу точно, гласот и е допадлив, чист и радосен, и ме инспирира да и се придружам во рефренот, и драматично да го најавам своето доаѓање. Кога ни се „смешаа“ гласовите со музиката, кога ме здогледа, со онаа широка насмевка за добредојде и уште поширока прегратка, ми го потврди чувството дека сум во Пирустија Неданоски, и дека се е како дома. Емоции, добра мисла, плус- вкусна храна што ја има само тука, селски амбиент и носталгичен поглед кон еѕерото.
Инаку, со Наташа се знам две години, ама „кликнавме“ веднаш, интензитетот на харизмата што таа ја носи, сплотена во и со традицијата, многу ми се допаднаа. Интимно, верувам дека хероина на овој текст верува и духовно бара истомисленици кои знаат дека љубовта, спокојот и добрината ќе го сменат светот. Па, иако делува како жена од акција, знам дека е и сензуална и сензибилна и во лични рамки и во поширока, филозофска смисла. Ама сосема ме освои, а кога без воздршка ми демонстрираше како се сука комат, односно како истиот може да биде „тенок“, и како кората убаво да се исука- потпишав капитулација.
Разни чудесии од нејзината кујна ги видов и вкусив во периодот зад нас: кошмишпити и питулици на еден од настаните на Слоу фуд, па, бофчи, преснец, се разбира комат со праз, сирење, зеље, па ѓомлезе… Тоа е нејзиниот начин да допре, да даде дел од себе затоа што е сигурна дека искреноста ги знае сите јазици на светот.
Затоа во домаќинската куќа Пирустија, драгоцен традиционален гастрономски бисер каде се се подготвува изворно, под сач, постојано е со гости кои експресно добиваат завиден апетит. Тука ќе се слушнат интересни приказни за селото, за охридската гастрономија, се одржуваат работилници, се запознава околината и домаќински се јаде.
„Сега да почнеме со кафе и слатко, ај да видам дали ќе го погодиш- на момент ме прекинува во думите мојата домаќинка, принесувајќи миризлив, закрепнувачки пијалок. Не ми требаше многу, го познав слаткото од бели цреши, одамна го немам пробано и беше добро, како во моите сеќавања.
Седнуваме во летна трпезарија, на отворено, со натокмена природа околу нас. Всушност, ова е најкус пат до среќата, да дишеш и гледаш слобода, да не робуваш на ниту една конвенција, затоа што во старата семејна куќа, сега во ново, автентично руво го има она што ние македонците, генетски го препознаваме.
Одам да наполнам вода- насред село, на само неколку чекори од куќата на Неданоски и истата ја гледам од поинаква перспектива. Од дрво и камен, наличена со ќилими, како да е излезена од некое друго време. Треба да се слика.
Инаку, селото Рамне е на нецели 7 километри од Охрид, со надморска височина од 1000 метри, што овозможува добар поглед кон езерото. Ама, јас сум и гостин на чардакот и одтаму се гледа дел од синилото…
Тоа е новитетот, можноста да се преспие во домаќинството Пирустија: мојата соба има смирувачки бои, а и енергијата е таква, се чувствува женска рака и тоа дека Наташа целосно се вложила во декорирањето.
Се качив да се сместам и – окрепам, но желбата за отворено, за двор и непрегледност беше посилна, па симнувајќи се „намирисав“ нешто интересно. „Што ли се прави сега- размислувам, бидејќи е раздвижено, скоро празнично, и набргу дознавам, се приготвува ѓомлезе, ѕвездата на денешниот ден.
Под сач и на пирустија, тандемски прават ѓомлезе Наташа и нејзиниот Васко, а фантастично се уиграни и синовите Кристијан и Петар. Не знам како, ама сите функционираат со поглед, се е спонтано а има ред. Прекрасно! Им заблазнувам на сите жени што вака го растат и чуваат семејството и традицијата, а Наташа ме дополнува:
„Љубов ми е да зготвам за некого и ако само едно мало мили..микро…мало делче од ова искуство однесе дома, тој ја понел Македонија во срцето.“
Инаку со ѓомлезе нема брзање, а овој бренд на охридскиот крај е вистинска атракција за кој спомнав е потребен сач, пирустија ама и маша и ќумбе.
Во голем сад е направената смеса од брашно, вода, сол и масло, но најдоброто ѓомлезе е кога кашата се пече веднаш и кога сачот е вжештен.
И така, слој по слој, додека не се потроши. Запомнив, пред крај е потребна прецизност да се исечат триаголници, па уште малку печење: повторно се става каша, и уште едно запекување…
Како што гледам, Наташа ужива и ова е адут плус за интерниот адет кој вели дека добрата домаќинка се препознава по тоа како го прави ѓомлезето.
Гледам во небото, нема ниту еден облак. Сино е и мирно, посакувам да застане времето и јас со него. Моментот, сега и тука, е тоа е магијата што ја почуствував во Пирустија кај Недановци.
„Готвењето храна само по себе е традиција, но истото да се пренесе на идните генерации е следен чекор без кое ова првото би замрело- се смешка Наташа. Почнавме со храна, продолживме со љубов, благодарност, се надополнуваме во размислувањата, ни годи и на двете. Ех, каква убавина.
Така дојде на ред ѓомлезето, го јадам со паузи, за уживањето да трае подолго и да ги фатам сите нијанси на овој специјалитет. Вкусен е, те мами за уште и уште…
Ноќта дојде без најава, така, скришум, како натрапник па машкиот дел од семејството се повелече. Така спонтано се случи и песната „Полна месечина“, што Наташа во еден здив ми ја изрецитира, а тука за вас, е еден дел од неа.
„…Сонце и месечина
Огледани во езерото
Кога едното напушта
Другото се раѓа
Нема двобој
Нема победник
Зашто
Ноќта е за ѕвездите
Денот е за зраците…“
Светлата од долапите се запалени, делува старински а кога го кренав погледот ја видов осветлена црквата Свети Илија, светкаше како многуте одаи во моето срце.
Кога легнав во удобниот кревет, заборавив на скопската несоница, па утрото ме дочека радосна. Во дворот повторно тандемска работа, домаќините имаат гости од 16 часот, а ѓомлезарскиот оган е повторно запален.
Пиеме кафе а потоа и појадуваме: домати и пиперки од бавча, домашен леб, сирење, домашен ајвар и јајца, месени работи… Ах! Љубовта и низ желудник влегува, си мислам и немам ич, ама ич, грижа на совест. Напротив. Рестартирана, се подготвив за средба со мојата реалност.
А Пирустија.
Таа, решив , ќе ми биде засолниште од лошите мисли и чудни луѓе. Тука ќе доаѓам за природен лифтинг и убавини на душата.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени