5.8 C
Skopje
недела, февруари 16, 2025
spot_img

РЕПОРТАЖА. Емир Кустурица го има Дрвенград

Во западниот дел на Србија, помеѓу Тара и Златибор, на само 4 километри од Босна и Херцеговина сместена е Мокра Гора. И веројатно, ќе беше вообичаен пејсаж за тој предел, да не се случеше Дрвенград: глетката е прекрасна, како да сте во некој Дизниленд за возрасни, ама преполн со асоцијации, што ги осмисли неговиот „татко“, режисерот Емир Кустурица.
Сини врати, зелени прозорци, дрвени и скали од камен, сокачиња по кои одвреме- навреме мрзливо ќе се протегне понекој мачор, и постојана врвулица од луѓе. Времето стои, или можеби минува во некој чуден ритам, па се разнебитува чувството за минливоста денешна, вчерашна а можеби и утрешна. Куќите имаат дрвени кровови и на нив веќе неколку години слетуваат штркови. На својот 55 роденден (2009), Кустурица ја отвори градинката „Др Неле- Карајлиќ“, и тоа беше уште една од неговите ласцивни метафори.


„Мислевме да произведуваме пиво со негово име, но потоа решивме во Дрвенград да не ги промовираме лошите навики на Неле, и се вративме во неговото детство, кога се беше убаво, чисто и невино“- во едно интервју славниот режисер го објаснува името на оваа детска установа, спомнувајќи дека од „раѓањето“ на Дрвенград , во тој замрен дел се случи чудо- се родија 55 бебиња.
Всушност, се започна од филмот „Животот е чудо“, од 2003 година, на Мокра гора, во близина на трасата „Шарганска осмица“, по која возот шара низ шините во облик на бројката осум.
Работејќи на филмот, режисерот и актерите многу често војуваа со времето, чекајќи да се појави сонце. „Постојано гледав во брдото спроти нас, на Меќавник, каде секогаш имаше сонце- вели Кустурица. Така се запрашав зошто не би направил куќа, како од некој филм, каде би можел да живеам. Потоа ми требаше место за да јадам, па никна ресторан и така се роди овој град од дрво. Иако изгледа дека се е направено во моментот, за секоја цигла, даска и цреп е пролиено многу крв и пот. Како и се во мојот живот што изгледа многу лесно – станува многу тешко, ама само тука можам да живеам“- вели прославениот режисер кој во својата лична карта ја има адресата единствено од својот „град“.


Дрвенград е атрактивна дестинација- годишно го посетуваат околу 25.000 туристи, а неретко имаат и по 1.000 посетители дневно. Местото, се разбира стана популарно поради Кустурица, и „Кустендорф“, филмски и музички интернационален фестивал, каде продефилираа најславните имиња од светот на филмот и музиката – Џони Деп, Џим Џармуш, Моника Белучи, Никита Михалков…
За изработка на селото се користени автентични брвнари, од кои најстарата е од пред 90 години. Централно место ја има црквата „Свети Сава“, каде се прават венчавки, крштевки, се одржуваат литургии.


Хотелот „Дрвенград“ има автентични, рачно сликани соби од Ана Петровиќ, и во секоја има понекој уникатен детаљ. Хотелот е со 4 ѕвезди, има 86 соби, во кои можат да се сместат 160 луѓе, а полупансинон чини 25 евра. Секоја соба во хотелот е приказна за себе- поинаков ентериер, креветите, боите и шарките по ѕидовите, и најинтересно – сосема друг поглед од прозорците што се огрнати со рачно изработени завеси.
Што уште може да се види во Дрвенград? Спортскиот центар „Проклета Авлија“ има затворен базен, сауна, теретана, спортска сала, билијар, тука е и кафулето „Конак за преноќиште“, „фризерај за коса- Анѓела“, а оние што се на еднодневна посета можат да ги видат проекциите на куси и долгометражни филмови на Кустурица.


Во Дрвенград нема многу мудрување, се е природно , спонтано и се подразбира.
Во ресторанот и кафулињата ги нема брендовите, нема „пепси“, „кока- кола“, се продаваат исклучиво природни овошни сокови и ракија. Голем е списокот на сите овошки од кои се „оплеменува“ огнената водичка- „шљивовица“, „кајсијевача“, „дуњевача“, „дудовача“, „крушковача“…. Најбарани домашни специјалитети се јагнешко под сач, качамак со кајмак, грав, плескавици, муќкалица…
Куќите, 60 на број се правени од стаблото на четинарите од блиските планини – Мокра гора , Тара и Златибор а секоја улица, сеедно дали е долга колку една куќа или сокаче, крстена е по некој од хероите на Кустурица. Таму се- Бранислав Њушиќ, Џим Џармуш, Фредерико Фелини, Новак Ѓоковиќ, Миодраг Петровиќ- Чкаља, Ернесто че Гевара, каскадните скали се наречени Брус Ли, театар – Стенли Кјубрик, плоштад- Никола Тесла, Никита Михалков, Диего Марадона…


Иако наликува на сказна, и во Дрвенград постои затвор, а Кустурица им најде место на двајца почесни гости, Буш и Солана, чии нацртани ликови се препознаваат низ решетките.


Шетајќи низ времето, не можете да му се тргнете на чувството дека и вие , макар на момент сте дел од една голема претстава наречена филм. Или живот, сеедно.
Некаде на средината на селото се скалите, а во близина куќата на Кустурица- голема е и едноставна а на прозорците има многу цвеќе. За жал, првиот човек не беше дома, а кога е тука, знаат мештаните, не треба да се „чепка“ додека не го испие првото кафе…Потоа е се едноставно.


Уште еден интересен дел е нешто што наликува на пазар- неколку дрвени сувенирници каде може да се купи слатко од диви јаготки и малини, сукала, даски за сечкање, лицитарски срца. „Ако е ова златиборски стил, не треба да се осовременува, коментира една туристка од Словенија, сместена на 40- тина километри од тука, на Златибор.
Беше дојдена на воздушна бања, но вели, за ништо на светот не би го пропуштила овој рај на прославениот режисер.
Некаде прочитав дека Кустурица во Дрвенград ќе остане се додека не почнат да го болат коските, а потоа ќе побара уточиште покрај море. Сеедно каде, сеедно чие.

Вања Тодоровска
Фото- Туристичка организација Златибор, Serbia com. Directory. Serbia

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена