НЕРВЕН СИСТЕМ
Кога е под стрес – физички или психолошки, телото одеднаш ги менува енергетските ресурси за да ја спречи забележаната закана. Во т.н. „фајт ор флајт“ (бори се или побегни) реакција, нервниот систем им сигнализира на надбубрежните жлезди да лачат адреналин и кортизол. Овие хормони го забрзуваат ритмот на срцето, го зголемуваат крвниот притисок, го менуваат дигестивниот процес и ги зголемуваат нивоата на гликоза во крвта. Кога ќе помине кризата, системите во телото вообичаено се враќаат во нормала.
МУСКУЛНО- СКЕЛЕТЕН СИСТЕМ
Под стрес, мускулите се напнати. Контракцијата на мускулите во продолжени периоди може да предизвика напнатост и болки во главата, мигрена и различни мускулно-скелетни состојби.
РЕСПИРАТОРЕН СИСТЕМ
Стресот може да го отежне дишењето и да предизвика брзо дишење – хипервентилација – што може, пак, да предизвика напади на паника кај некои луѓе.
КАРДИОВАСКУЛАРЕН СИСТЕМ
Акутниот стрес – моментен стрес, на пример заглавување во сообраќај – предизвикува зголемување на срцевиот ритам и посилни контракции на срцевиот мускул. Крвните садови кои ја насочуваат крвта кон големите мускули и срцето се шират, зголемувајќи го количеството на испумпаната крв во тие делови од телото. Повторени епизоди на акутен стрес можат да предизвикаат воспаление во коронарните артерии, за што се смета дека може да доведе до срцев напад.
ЖЛЕЗДЕН СИСТЕМ
Надбубрежни жлезди
Кога телото е под стрес, мозокот испраќа сигнали од хипоталамусот, што ја предизвикува кората на надбубрежните жлезди да излачува кортизол, а срцевината на надбубрежните жлезди да излачува епинефрин – понекогаш наречени „хормони на стресот“.
Црн дроб
Кога се излачуваат кортизол и епинефрин, црниот дроб продуцира повеќе гликоза, шеќер во крвта што дава енергија за реакцијата „бори се или побегни“ во вонредна ситуација.
ГАСТРОИНТЕСТИНАЛЕН СИСТЕМ
Хранопровод
Стресот може да предизвика многу повеќе или многу помалку апетит од вообичаеното. Доколку јадете повеќе или различни видови на храна или, пак, ги зголемувате цигарите и алкохолот, може да почувствувате киселини во стомакот.
Желудник
Желудникот може да реагира со „пеперутки“, мачнина или болки. Доколку стресот е доволно силен, можно е повраќање.
Црева
Стресот може да влијае на варењето на храната и на тоа кои хранливи материи ги апсорбираат тенките црева. Исто така, може да влијае на брзината со која храната минува низ телото. Може да се јави дјареја или запек.
РЕПРОДУКТИВЕН СИСТЕМ
Кај мажите, прекумерни количества кортизол, излачени под стрес, можат да влијаат на нормалното функционирање на репродуктивниот систем. Хроничниот стрес може да го влоши излачувањето на тестостерон и сперматозоиди и да предизвика импотенција.
Кај жените, стресот може да предизвика отсуство или нередовни менструални циклуси и поболни периоди. Исто така, може да ја намали сексуалната желба.
фото- Dita,Psuchologist world