Весна Дедиќ : Чекорејќи по „Балканска“, се смеам и кога ми се плаче
Шармантната Весна Дедиќ (1967), новинарка, водителка и писателка има 25. годишен телевизиски багаж од кои 15, сигурно чекори низ својата „Балканска улица“, што секоја недела се емитува на РТС. Освен тоа, нејзините книги имаат интригантни приказни за што сведочат и големите тиражи со кои се закитува секое ново издание.
Вашата емисија „Балканском улицом“ одамна стана култна – со години траете и секогаш од гостите успевате да го извлечете – она нешто… Кој од соговорниците во емисијата навистина Ви стана пријател?
– Никој. Но, знам дека поголемиот дел од моите соговорници ме почитува и ме сака нежно како новинар. Поточно, имаат доверба во мене. Toа е поважно од фактот дека некој од нив ми станал пријател. Патем, со поголемиот дел од соговорниците ни кафе немам испиено… Својот успех никогаш не го мерев по тоа колку телефонски броеви од моќни и важни луѓе имам во именикот.
Што мислите, колку новинарството е поткрепа, база за пишување книги? Како оди Вашиот процес на пишување?
– Да не го научев новинарскиот занает, да не сум во љубов со моите гледачи веќе 25 години, сигурно е дека немаше да ја имам оваа вештина на пишувањето, ниту способноста да ги пренесам емоциите и проблемите што ги тиштат девојките и жените денес. Новинарството ме научи дека е бесмислено сето она што не се однесува на гледачите. Дa не сум новинар, најверојатно ќе бев голем писател кој пишува за тесен круг луѓе. Вака, знам да напишам роман кој не е здодевен, што читателите го сакаат и во кој не само што го признаат својот живот туку и пронаоѓаат начин да излезат од проблемите.
Точно ли е дека сме посилни кога сме сами?
– Жените се најсреќни кога се сакани, а најнесреќни кога нивната љубов некој ја злоупотребува и омаловажува. Кога тоа ќе се случи и жената ќе собере сила да рече – доста е, тогаш е своја и апсолутно силна. Има уште нешто, а тоа е дека силната жена не е секогаш среќна. Сите ние копнееме по прегратка и по она – „моја си“…
Првата асоцијација за Вас е насмевката, но јас сум заинтересирана за она што значат вистинските романи во Вашиот живот. Што се крие зад насмевката? Или подобро – каков маж може да Ви ја нацрта?
– Искрено, за мојата насмевка заслужна е мојата ќерка Ленка. Господ ми подари совршено дете, наместо совршен маж. Од друга страна, мислам дека е непристојно да се биде намуртен и темен и другите да се заморуваат со вашето лелекање. Јас се смеам и кога ми е тешко.
Ја следите ли интуицијата и што мислите за желбата да се живее на „врвот на планината“? Мислам на фактот кога ќе се заборави вистинската среќа, скриена во самото искачување …
– Не знам ништо за тоа. Не знам како им е на оние кои некој со хеликоптер или авион ќе ги спушти на врвот и ќе им рече – се` е твое. Јас се качувам, понекогаш буткам камен како Сизиф, понекогаш сум на врвот и баш тогаш ќе дувнат силни ветришта, па ќе паднам… Но, ова е мојот живот и никој не ми дал втора можност да живеам поинаку. И никој никогаш не ме фатил за да ме однесе до врвот… Верувам дека е убаво.
Колку убавината, пријатниот изглед, па да, и – атрактивноста ви помогнаа (одмогнаа) да Ве разберат сериозно?
– Никогаш себеси не сум се доживувала како згодна, пријатна или убава, освен кога сум се вљубувала… Инаку, на работа се обидувам да изгледам пристојно и да не кокетирам со својта надворешност.
(Вања Тодоровска)