Владо Јаневски ги има клучевите од градот на тагата
„Главен град на тагата“ , песна со потпис на Владо Јаневски, (аранжман на Роберт Билбилов, продукција Дарко Димитров) , од неодамна е со видео- запис од Бане Поповиќ и Томато продукција . Владо си го следи своето темпо во однос на промовирањето и секогаш на себе си препознатливиот начин, успева да се пикне под кожа. Така и овој пат : „Главен град на тагата“ е певлива песна, со текстуална лирика која магнетски делува на сите оние што се на „ти“ со љубовта.
„Со сите вас се знам повеќе од 20 години, и добро е што го трпите овој стар намќор“, Јаневски шеговито им се обрати на новинарите кои со внимание го проследија спотот. А во видео приказната, шаренило од бои и убавина, главниот лик го има миленичката на Владо, менекенката Дунавка Трифуновска, бидејќи „искористлива е нејзината фотогеничност и таа му дава убавина на спотот“.
Останатите девојки се ликови од соседството, снимани на различни локации на Скопје.
„Секој сака да гледа убави девојки, и знам дека многумина ќе речат, добро е што го нема стариот во спотот. Приказните за љубовта не мора да се лични. Во мојот живот емоциите биле на пиедестал, многу сакав, но многу поголема ми е сатисфакција да пеам за она што другите го доживуваат, за туѓата среќа. Љубовта на сестра ми и нејзиниот сопруг на пример, постара од 30 години одново и одново ме фасцинира. Таа вели не може да е разделена од својот човек повеќе од еден ден, а кога тоа ќе се случи, нејзиниот живот се претвара во град на тагата“.
Инаку, „Главен град на тагата“ е само загрејување пред големиот настан што го очекува Владо Јаневски на концертот во Антички театар во Охрид, на 2 август што ќе го подготвува Авалон продукција. (В.Т.)