Кога немавме интернет – Колумни за душа: Партизанска есПадрила
Денес е празник. Пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово. И го означила почетокот на НОБ или НОВ во Македонија. Секоја година вака отприлика почнуваа нашите состави по македонски јазик, ден или два пред овој голем ден. Додека мајките мислеа што уште не направија од годинешната зимница, додека во Преспа наголемо се береа највкусните јаболка идодека Партизан или Ѕвезда се залетуваа во првото коло на Купот на шампиони или Купот на УЕФА. И додека јас и другар ми Ване мислевме дали подобро звучи на гитара „Тишина“ од Бајага или „Боље бити пијан, него стар“ од Плави оркестар?
И пред 35 години, и денес исто го славиме овој празник. Се потсетуваме на партизаните и на нивните славни битки против Фашистите (не велам Германците, за да не се навреди Јирген Клоп или Настасја Кински!)
Моите први искуства со НОБ датираат од најрана возраст. Дедо ми Филип ми раскажуваше како изгледало бомбардирањето на Скопје во 1941 година, а баба ми Цвета си спомнуваше како изгледала војната во Богомила низ очите на 22 годишна илегалка. Таа цел живот му префрлаше на дедо ми дека за време на војната побегнал во Бугарија со мајка му, за да учителствува таму, наместо да ја брани родната грутка. А пак дедо ми се смееше и велеше дека војните постојат за луѓето да ги преживеат, а не за да умрат во нив! Тој продолжуваше да ја задева за некоја нејзина симпатија Трајче (напреден младинец и страшен партизан!) кого непријателот го убил на една пауза меѓу две битки, додека ги врзувал чевлите! Нормално, баба ми се лутеше и велеше дека судбината била на страната на дедо ми и дека, ако случајно Трајче некако ја преживеел војната, дедо ми Филип не би имал ни теоретски шанси да се доближи до нејзиното срце! И така до бескрај. Веројатно и сега, таму горе на небото, дедо ми, баба ми и гореспоменатиот Трајче седат, пијат кафе и се препираат низ смеа на тема: кој од нив бил најголем партизан?!
Факт е дека баба ми била напредна илегалка во Богомила и дека Бугарите толку многу ја измачувале, што дури еднаш ѝ ја откорнале целата коса. Била и на списокот за стрелање, но некој бугарски капетан ја спасил. Нејзиниот татко за казна бил депортиран, а тогаш ги изговорил најстрашните зборови во историјата на НОБ: „Кажи, Цвето, дека јас не знаев дека си илегалка?!“
Освен нивните доживувања, за НОБ учев и од многубројните партизански филмови. Во недела наутро на единстевната телевизија во тоа време, редовно беше емитуван по еден партизански филм. Освен „Отпишаните“, со моите омилени Тихи, Прле, Марија, Мрки, ги изгледаваме по неколку пати и вонсериските епопеи на Вељко Булаиќ „Сутјеска“, „Неретва“, „Козара“, како и многу други успешни и помалку успешни десанти, битки, офанзиви, минирања и градења мостови, размена на заробеници итн. Милиони Фашисти беа убивани секое неделно утро на нашите црно-бели телевизори, додека се крчкаше сармата во кујната и додека мајките ја пуштаа втората машина за перење, на евтина струја.
Па затоа беше сосема нормално ние децата во маало секојдневно да си играме Партизани – Германци и наши омилени играчки да бидат пиштоли, пушки и слични огнени чуда, на каписли. Никој тогаш не размислуваше за нашата психологија, а никој не ни можеше да препостави дека нашата генерација ќе мора да се бори во некои чудни војни, на некои чудни фронтови, ширум поранешна Југославија. Ама, тоа беше нашата среќа и судбина. Некои мои врсници никогаш не се вратија од СФРЈ фронтовите. За жал, загинаа за непостоечка земја и за жал идните генерации нема да ги учат по историја, за разлика од партизаните од НОБ, кои ги учевме по две години во осмолетка и по две години во средно. Мојата професорка по историја во средно во текот на една години ни ги издиктира сите можни битки на Тито и партизаните, до најситените детали. Ако некогаш ги најдам двете мои тетратки по историја од по сто страници, комотно ќе можат да напишам одлично сценарио за нов партизански филм. Само не верувам дека некој тоа сценарио ќе го сними, зашто е тоа депласирана тема. А може и да ги навредиме чувствата на Јирген Клоп и на Настасја Кински?! Како и да е, од толку битки и офанзиви, јас таа професорка по историја ја паметам по следната реченица: „Кој пие, пуше и се дупе, нема да оде низ Југославија!“
Во тоа време (СФРЈ, 70-те години од минатиот век) постои анегдота дека режисерите добивале по неколку торби полни со пари и дека Тито и Партијата не прашувале колку чини за еден добар партизански филм да се сними.
Факт е дека се тоа скапи историски филмови, снимени по сите стандарди на светската кинематографија и со феноменални кастинзи, во кои глумеле дури и светски ѕвезди. Тетинот на татко ми, Киро Кумановац (Бог да му душа прости) велеше дека лично му бил шофер на Јул Бринер кога го снимале филмот „Битка на Неретва“, дека Јул бил сосема обичен ќелав човек и дека дури еднаш со него пиеле виски, меѓу два сета.За жал, Орсон Велс не го сретнал. Тој имал друг личен шофер.Еден од тие култни партизански филмови беше и филмот „Партизанска ескадрила“. Своевремено се емитуваше и како ТВ серија, а имаше и албум со самолепливи сликички. Мене лично не ми се допаѓаше многу тој филм, зашто пола од дејството се случуваше во авиони, додека вештите партизански пилоти се бореа со фашистичката авијација. Нормално, на небо. И без никаква анимација. Во тоа време. Нејсе, едно неделно утро, додека игравме фудбал во тревникот, еден мој другар викна: „Деца, брзо дома! Почнува „Партизанска есПадрила“!
Слава им на сите партизани. И на тие што го дадоа животот за Македонија, а и на тие кои преживеаа и ги градеа темелите после војната…
Светот им останува на победниците.
ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ