ГАСТРОНОМСКИ БЕЛЕШКИ . Полни очи, празен желудник
Мислам дека за се се виновни шминкерите – готвачи. Познатите Мишелин- фраери, шефови и нивните ученици кои, наместо да ги полнат, почнаа да ги празнат чиниите. И не само тоа, туку шкрткаат, градат минијатури, редат рози а во центар стваат една полнетата маслинка, небаре е прасе. Тоа ли е оброк? Тенденцијата на футуристички лудила од типот – шлаг од зеленчук, цветчиња од маслиново масло, супа во епрувата, сладолед од сланина.., начисто ме излудуваат, па од целиот стриптиз на чинија остануваат само неколку рончиња…И никој да удри со тупаница, да каже – стоп за оваа декаденција, како само јас да имам вистински, здрав и конкретен апетит.
Сношти, пред да заспијам, а легнав гладна, имав кошмари. Ми текна на појадоците на баба ми: пржени лепчиња, кајмак, ајвар, крофнички полнети со слатко, сирење со палента, пита со праз, луто пиперче за апетит…
Ете таков е мојот мозок, меморира, складира, чува и што треба и што не треба. Мојот хејтер на диети, не ме слуша, држава сам за себе, си прогласил автономија и деноноќно, како на лента, ги полни менталните фајлови со разноразни крканлуци и гурманлуци. А да не глаголам колку денес мојот појадок наликува на бледа, анемична, изветвена копија на се она што може да се нарече добар почеток на денот. Чудно време, чудни правила, полни очи, празен желудник…
Но, и соништата со храна не се практична категорија со која пајчињата стануваат животинчиња на четири нозе. Еве на пример, секое прасе сонува да умре како свиња, иако физички гледано, ова кутро животно никогаш не може да ја сврти главата и да погледне кон небото.
Прасињата, иако немаат врска со овој текст, се херои на животите на многу луѓе : во осумдесетите години на минатиот век во „дворчето“ на српскиот актер Павле Вујсиќ на Ада Циганлија, на дрвена куќичка, една од многуте нанижани романтични скромни градби, имаше графит- дебело жолто прасе и дешифрирање со шарени букви „Кафеана кај Пајо“. Прасе како мисла водилка, лајт-мотив, почеток, ама и крај на големиот актер, кој верувам би се згрозил од денешната модерна кујна.
Туку, што правиме со раскинувањето со стереотипите за храна? Праша ли некој, побара ли дозвола за репрограмирање на традиционалниот начин на сервирање (како инаку да ја протолкувам играта на рукола и шери доматче на осамената сардинка?) и, ќе прекине ли љубопитноста меѓу готвачката фела да нуркаат во молекуларна гастрономија, и да не направат костури- од прв до последен на планетата Земја?
Во времето на оние со подолга меморија, вклучувајќи ме и мене, постоеше ред за на софра : појадок, ручек, па некоја „лесна“ ужинка, за на крај да финишира со вечера и тоа во пристојно време, по вестите во 20. часот. Ех, убави лапачки навки, кај исчезнавте?!
Често помислувам што е тоа што ни ги менува менталните колосеци. Некогаш, на километар замирисуваа манџите а ударните компоненти- кромидот и лукот, не беа причина за неколкудневна социјална апстиненција.
Кулинарството некогаш беше светото тројство и имаше задача да ги задоволи вкусот, мирисот и перцепцијата. Денес, со целосна одговорност тврдам, нај „ин“ готвачи, на чиниите големи како свемирски бродови, мислат само на очите и прават совршени дизајни, доволни за две залчиња.
Мене пак, освен што ми се огледало на душата, очите неможат да ми се заситат. А желудникот? Него би го прескокнала овој пат.
(Вања Тодоровска)
фото- dobra hrana, pexsels