Зошто лажеме? За да не повредиме со вистината
Колку пати сте кажале – изгледаш супер, а тоа воопшто не сте го мислеле. Можеби сте сакале да ја расположите пријателката која подолго време е во депресија, сте му го кажале ова на шефот – надевајќи се на некој поен плус, или, едноставно, менувајќи го тонот на гласот, сте ја упатиле реченицата до колешката која и не ви е толку мила. А години? Па денес ретко кој ја кажува вистинската бројка, ама тоа се смета за шармантна и корисна лага. Ама, што е она во нас што не` тера да лажеме? Дали сите лаги се исти и дали навистина постојат- оправдани лаги?
„Лажеме затоа што сакаме да се одбраниме себеси. Сигурно дека нема да кажете на работа дека сте се успале и дека затоа сте задоцниле. Ќе измислите нешто друго, колку и да звучи тоа оправдување неверојатно, вие мислите дека ќе ве спаси од казна“, вели д-р Морин Иглбергер од Универзитетот во Калифорнија.
Сите лажеме понекогаш, тука нема дилеми. Затоа немојте да мислите дека само вие делите лажни комплименти, па и вие сте цел на оние што лажат. Но, испитувањата покажуваат дека малкумина признаваат дека лажат.
Во стварниот живот не можеме секогаш да играме на карта чесност без да направиме компромис со некоја друга вредност која исто толку е важна за нас“, објаснува д-р Иглбергер, додавајќи го примерот за среќна врска. Ако сакате среќна врска, некои работи некогаш и ќе премолчите. На пример, не го одобрувате тоа што го кажува вашиот партнер, но ќе премолчите- заради мир во куќата. Се разбира ова не го можат сите, но има оправдание за ваков тип на лага.
Но, понекогаш лагата воопшто не е наивна. За лекарите е секојдневен стрес дали да ја кажат вистината или не кога станува збор за потешка дијагноза кај пациентите. „Ако ја кажете вистината, можете да го фрлите пациентот во депресија, што е многу лошо за исходот на болеста и за текот на лекувањето. Од друга страна, лекарската етика не ви дозволува да раскажувате бајки. Најдобро, сепак, е да се кажат некои факти, но да се остави простор до следните испитувања за да се дополнат податоците за пациентот и за болеста“, вели Мартин Хабс, лекар во една од њујоршките болници.
Но, што станува со патолошките лажговци, оние што го имаат синдромот Минхаузен? „Патолошките лажговци и не ве лажат намерно. Тие толку веруваат во својата приказна што и самите се убедуваат дека го живеат светот на своите лаги, а не вистинската реалност која е пред нив. Тоа се длабоко несреќни луѓе на кои им е потребна психолошка помош, но некогаш навистина умеат да направат збрки со своите патолошки лаги“, вели психијатарот Брент Канинг од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
Останува прашањето: да лажеме или не? И да кажеме- не, всушност, тоа не е можно. Сите сме принудени да изговараме по неколку мали лаги во текот на денот, а тогаш пулсот ни се забрзува, се вцрвуваме, потешко дишеме. Но, секако, зависи дали сте изверзиран и лукав лажго или не.
Само немојте да претерате со лагите, најверојатно ќе повредите некого, и вие ќе бидете повредени, а носот, е тој може да порасне како кај Пинокио…
Foto- Pexels
Коментарите се затворени